Слаѓана Димишкова: ЗНМ е шалтер за исплата на проекти

Работните групи на четирите политички партии, по консулатциите со медиумските здруженија, се во финална фаза од разговорите околку пакетот со кој се опфатени медиумите, пред се јавниот радиодифузен сервис и Агенцијата за медиуми. Македонската асоцијација на новинари, МАН пред почетокот на овие разговори предупреди на опасноста дека законските решенија ќе бидат сервирани и усвоени без влијание на медиунската фела.

Слаѓана Димишкова, во интервјуто за Прес24, вели дека преговорите се одвиваат лошо и се несуштествени.

- Ннајголем дел од одлуките се наметнуваат од претставниците на меѓународната заедница, донесени се однапред, а тоа што понекогаш, потенцирам само понекогаш, некој од нив ќе седне по саат време со нас е глумење преговори, обезбедување виртуелна соработка со професијата новинари.Самиот факт дека тие во преговорите го форсираат ЗНМ, коешто единствено и исклучиво го финансираат директно или преку активисти на Сорос и ја штитат неговата фантомска позиција да биде здружение без легитимирани членови, само по себе покажува дека ЗНМ не е страна во преговорите, туку е виртуелен субјект создаден и поддржан од нив кој служи за покритие на нивните намери, вели Димишкова во иниетрвјуто за Прес24.

Иако и ЗНМ и МАН во основа тврдат дека се против наметнати политички решенија за медимите, сепак никако да успеат да воспостават соработка за заеднички настап. Димишкова тврди дека главната причина е ЗНМ.

- Ние досега петпати му предложивиме на ЗНМ повеќе точки за соработка и легитимирање на членството. Сите пет предлози останаа без одговор, така што моравме да платиме оглас во весници јавно да ги објавиме предлозите. Но, ни тогаш не добивме одговор.

Една од точките беше ЗНМ да се легитимира со своето членство и да го споиме во едно здружение. Но, ЗНМ и активистите на Сорос кои се во таа организација вртат еден милион евра преку анонимни проекти и ЗНМ нема интерес парите со кои располагаат малку луѓе да ги дели со други новинари, затоа обединувањето не е можно, вели Претстедателката на МАН, за Прес24.

Таа е една од оние кои ја заговараат идејата за воведување лиценци во новинарската професија, сметајќи дека на тој начин ќе се воспостави јасна слика кој е, а кој не е новинар.

-Идејата за еден вид лиценци, акредитации за новинари е со цел да се спречи уривање на угледот на професијата новинар, бидејќи има чести појави на случајни луѓе кои себе се прогласуваат за новинари кои криејќи се зад своите сајтови вршат рекет, навреди и омаловажувања во јавноста, вели Саѓана Димишкова, претстедател на МАН во интервјуто за Прес24.

ПРЕС24: Пакетот на реформи кои се однесуваат во делот на медиумската сфера меѓу партиите од Договорот во Пржино сѐ уште не е затворен. Новинарските здруженија учествуваа во дебатите, како ги оценувате досегашните преговори?

ДИМИШКОВА: Преговорите се лоши и несуштествени, бидејќи најголем дел од одлуките се наметнуваат од претставниците на меѓународната заедница, донесени се однапред, а тоа што понекогаш, потенцирам само понекогаш, некој од нив ќе седне по саат време со нас е глумење преговори, обезбедување виртуелна соработка со професијата новинари.

Самиот факт дека тие во преговорите го форсираат ЗНМ, коешто единствено и исклучиво го финансираат директно или преку активисти на Сорос и ја штитат неговата фантомска позиција да биде здружение без легитимирани членови, само по себе покажува дека ЗНМ не е страна во преговорите, туку е виртуелен субјект создаден и поддржан од нив кој служи за покритие на нивните намери.

ПРЕС24: Околу кои точки ставовите се дијаметрално спротивни?

ДИМИШКОВА: Главно и основно е ЗНМ да се легитимира, бидејќи во овој момент не е здружение на новинари, туку е шалтер за исплата на проекти и реализација на политички проекти на ДУИ и СДСМ. Ние не можеме да зборуваме за разлики помеѓу МАН, легитимна и легитимирана асоцијација на новинари и фантомска организација -ЗНМ, без легитимирани членови. Се друго е последица на ова.

ПРЕС24: Неодамна и МАН и ЗНМ имаа идентичен став дека се против решенија за медиумите кои ќе бидат наметнати од партиите. Зошто во овие преговори не може да се постигне единство за заеднички настап?

ДИМИШКОВА: Ние досега петпати му предложивиме на ЗНМ повеќе точки за соработка и легитимирање на членството. Сите пет предлози останаа без одговор, така што моравме да платиме оглас во весници јавно да ги објавиме предлозите. Но, ни тогаш не добивме одговор.

Една од точките беше ЗНМ да се легитимира со своето членство и да го споиме во едно здружение. Но, ЗНМ и активистите на Сорос кои се во таа организација вртат еден милион евра преку анонимни проекти и ЗНМ нема интерес парите со кои располагаат малку луѓе да ги дели со други новинари, затоа обединувањето не е можно.

ПРЕС24:  МАН имаше средби и со посредникот Ванхуте и со претставници на ЕУ. Што беше разговарано на овие средби?

ДИМИШКОВА:  На иницијатива на Македонската асоцијација на новинари се реализираат повеќе средби со европските претставници, меѓу кои беа и оние со евроамбасадорот Аиво Орав и посредникот Питер Ванхут. Овие средби беа на наша иницијатива со цел директно да им ги презентираме нашите предлози за реформа во медиумскиот сектор.

На средбите укажавме дека сите напади, вербални и физички, врз секој новинар треба да бидат осудени, а не тоа да се прави парцијално, како што беше случај во Извештајот на ЕУ.

ПРЕС24:  Кои се позициите на МАН во овие преговори?

ДИМИШКОВА:  Клучните предлози на МАН за реформи во медиумската област се:

- Финансирање на МРТ од буџетот, а не преку непосредна давачка од граѓаните. Со ова МРТ не би имала право на комерцијални реклами.

- Вклучување на интернет-порталите во медиумските закони поради подигнување на стандардите во овој дел.

- Со закон да се утврди прецизно што е медиум, а што новинар. Целта е заштита на угледот на професијата новинар со чести појави на случајни луѓе кои себе се прогласуваат за новинари, а криејќи се зад своите сајтови вршат рекет, навреди и омаловажувања во јавноста.

- Секој медиум да има обврска за уредувачки совет и менаџерски договор за уредниците во медиумите.

- Парите од јавниот сектор наменети за кампањи од јавен интерес да се делат во медиумите во согласност со утврден рејтинг.

- Да се ограничат средствата и донациите на медиуми и новинари од страна на странски извори и преку невладини организации на вкупно 20% во однос на прометот на медиумот во минатата година. Со ова се одбегнува уривање на конкурентноста со странски пари и се обезбедува автентичен и независен јавен интерес и пазарна ориентација на медиумот.

- Да се намали на 5% данокот за рекламни и јавни објави во медиумите, како и да се ослободи од данок увозот на хартија за весници и нивната продажба.

ПРЕС24:  Што станува со државните реклами, како би се распределувале тие?

ДИМИШКОВА:  Кампањите од јавен интерес треба да се делат според рејтингот на медиумот, којшто треба да биде утврден според меѓународни стандарди, на пример како што се стандардите на AGB Nielsen, односно Google Analytics. Практично тоа треба да го прави професионална агенција со меѓународен кредибилитет.

ПРЕС24:  Во македонското новинарство има и еден тренд на индиректно финансирање преку невладини организации, фондации и странски фондови кои годишно внесуваат огрoмни суми пари, за кои постои огромен сомнеж дека се користат за влијание врз уредувачката политика на медиумите. Дали овој дел влегува во сферата за која се бараат решенија во преговорите?

ДИМИШКОВА:  Парите кои се од странски извори или фондови се од политички извори, институции кои имаат цел создавање политички промени во согласност со нивните интереси, што не е тајна, ниту спорно. Примателите на тие пари треба да ги исполнат политичките цели на оние кои ги плаќаат и воопшто не мора да постои совпаѓање на домашниот и странскиот политички интерес.

Колку за илустрација, според законите во САД, странски пари по кој било основ дадени во медиуми и невладини организации се сметаат за сомнителни пари и подлежат на посебна контрола на нивната финансова полиција и даночните институции. Примателот на странски пари на јасен и видлив начин назначува дека е финансиран однадвор и наведува и за кои цели. Притоа угледот и авторитетот на медиумите и невладините во САД кои примиле странски пари е далеку помал во јавноста и често пати и сомнителен.

Ние бараме странските фондови да можат да помагаат медиуми во граници да не ја нарушуваат пазарната позиција и балансот на медиумот во однос на други медиуми или да се пумпаат медиуми со странски пари и со тоа да ја загрозат конкурентноста на други кои не примаат странски пари. Затоа цениме дека никој не смее да прими вакви пари повеќе од 20 проценти во однос на вкупниот промет на медиумот во претходната година.

На претставниците на ЕУ јасно им ја посочивме разликата меѓу поимите „да помагаш медиум“ и „да создаваш и да издржуваш медиум“.           

ПРЕС24:  Единствен конкретен договор засега има за измените на Законот за медиуми во кој се предвидува полициска заштита по потреба за новинарите. Што конкретно подразбира тоа?

ДИМИШКОВА:  Новинарството е дел од важните јавни професии. Најголемата заштита е јавноста, односно поддршката од јавноста. Сите јавни професии како судии, лекари... се изложени на јавни притисоци и закани од поединци. Законот веќе предвидел нивна лична и професионална заштита во исклучителна ситуација, па така и за новинарите и нема потреба за ништо повеќе од тоа. Не е пријатна сликата кога новинар ја работи работата, а до него стојат и го обезбедуваат полицајци. Државата треба превентивно да го штити од притисоци, уцени, квази новинари и од подметнување клевети.

ПРЕС24:  Она што во јавноста е познато како информација која е предмет на разговори е промени на висината на казните. Чија е таа идеја и на кои санкции се однесува?

ДИМИШКОВА:  МАН предлага зголемување на казните за правните, одговорните лица кои не го почитуваат Законот за медиуми во делот кој гарантира право на новинар да го изнесе своето мислење и став и да одбие да изврши задача, што ќе се утврди во договор со новинарските здруженија. Со тоа ќе се гарантира заштита на новинарите од притисоци. 

ПРЕС24:  Институциите како Македонската радио телевизија, агенцијата МИА и Агенцијата за медиуми се дел од Договорот од Пржино за кои се бараат решенија. Во кој правец овде се движат преговорите?

ДИМИШКОВА:  Можам да ги наведам нашите предлози, бидејќи нема директна вклученост во преговорите. Притоа сметам дека се потребни системски решенија, а не парцијални и кадровски. 

ПРЕС24: Еве, кои се предлозите на МАН, на пример, за МРТ?

ДИМИШКОВА:  МАН има неколку предлози. Прво, финансирање на МРТ од средства од Буџетот на РМ. Сегашната наплата според систем на такса, јавна давачка, е неефикасна.

Второ, преземање на мерки за дистанцирање на политичките партии од работата на МРТ. Ова би се постигнало со менаџерски договори на директорот и уредниците на МРТ, кои се директно зависни од гледаноста на јавниот сервис и неговата ефикасност, а би било обврска никој од нив да не бил на никаква функција во партија, државен орган или јавен сектор. Трето, за таа цел треба изрично да се забрани во програмскиот совет на МРТ свои претставници да предлагаат партиите, било од власта било од опозицијата, туку претставници во програмскиот совет на МРТ да бидат лица кои немале функции во партии, државни органи и јавен сектор.  Ова се дел до ставовите на МАН за реформи на МРТ кои би придонеле за ефикасноста, независноста и професионалноста на јавниот сервис. 

ПРЕС24:  Како да се регулира интернет-просторот кој сега е едно поле кое покрај што нема никакви новинарски стандарди, станува полигон за ширење омраза?

ДИМИШКОВА:  Информативните портали треба да се регулираат со медиумските закони. Целта е подигнување на професионалните стандарди, како и да има обврска за транспарентно финансиско работење и на порталите, како што е случај и со останатите медиуми. 

ПРЕС24:  Што станува со процесот на саморегулација? Колку тоа може да изгради довербата во медиумите?

ДИМИШКОВА:  Саморегулацијата е потребна, но треба да доаѓа од внатре, односно од самите медиуми, а не како што е сега случај да биде финансирана од странски пари. 

ПРЕС24:  Како тема се наметнува и некоја опција за лиценцирање на новинарите. Како би функционирала?

ДИМИШКОВА:  Идејата за еден вид лиценци, акредитации за новинари е со цел да се спречи уривање на угледот на професијата новинар, бидејќи има чести појави на случајни луѓе кои себе се прогласуваат за новинари кои криејќи се зад своите сајтови вршат рекет, навреди и омаловажувања во јавноста.

ПРЕС24:  Во Македонија има синдикат на новинари, но неговата функција е целосно нефункционална. Како во таков случај и во ситуација на уште две новинарски поголеми здруженија да се дојде до повисок стандард и интегритет на новинарите?

ДИМИШКОВА:  За почеток со дефинирање на статусот на новинарите во јавноста и во редакциите. Кога ќе им биде дефиниран статусот тогаш има простор за независност и професионализам.

 
 
25.11.2015 - 12:04

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа