Се здрма десеткатница во скопско Ново Лисиче

 

Вештачки земјотрес од 5,5 степени според Европската сеизмичка скала денеска беше симулиран врз десеткатница во станбената населба на Адора Инженеринг во Ново Лисиче. „Земјотресот“ беше изведен од Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија од Скопје (ИЗИИС).

Директорот на ИЗИИС, Михаил Гаревски појасни дека со два врибатора од типот ГСВ- 101 беше генерирана серија на синусоидални побуди со сила од по 1.5 тона кои генерираат околу 100 тона хоризонтална сила.

- Објектот е инструментиран во 100 мерни точки на кои  се поставени најпрецизни инструменти за мерење на забрзување. Собирањето и обработката на податоци се врши во реално време со што може да се набљудува тродимензионалното вибрирање на зградата, рече Гаревски.

Градоначалникот на град Скопје, Коце Трајановски го поздрави потегот на Адора и ИЗИИС кој е организиран во пресрет на одбележувањето на 50 години од скопскиот земјотрес.

- Ваквите проби се за поздравување и ние како Град Скопје ги поддржуваме, а тоа  ни докажува дека зградите што се градат се сеизмички стабилни, изјави Трајановски.

 

Ова мерење е прво од осамостојувањето на Македонија. Кон крајот на 90-тите кај нас се направени мерења со предизвикување на вештачки синусоидални товари на повеќе важни објекти како што е МРТВ, училиштето „Песталоци“ и на некои поважни брани. 

ФОТО: Адора

најчитано сега