Владата објави оглас за субвенционирано вработување на лица во социјален ризик

Владата објавува Јавен оглас до работодавачите за учество во Програмата за условен паричен надоместок за субвенционирано вработување на лица во социјален ризик.

Субвенционираното вработување се однесува на лица корисници на социјална парична помош, лица кои до 18 годишна возраст  имале статус на деца без родители и родителска грижа, лица кои биле корисници на програмата Условен паричен надоместок за средно образование, членови на семејства корисници на едно од следниве права: постојана парична помош, и детски додаток, жртви на семејно насилство кои се сместени во шелтер центри или чијшто месечен семеен приход по член на семејство во годината пред годината во која аплицираат е понизок од 50% од последната просечна нето плата објавена од Државниот завод за статистика, лица кои биле корисници на државна стипендија во последните 15 години и чијшто месечен семеен приход по член  на семејство во годината пред годината во која аплицитраат е понизок од 50% од последната просечна нето плата објавена од Државниот завод за статистика, лица до 29 години чијшто месечен семеен приход по член на семејство во годината пред годината во која аплицираат е понизок од 50% од последната просечна нето плата објавена од Државниот завод за статистика.

-Преку овој проект даваме поддршка на вработувањето на социјално ранливите категории, а од друга страна обезбедуваме услови за работодавците кои можат да ги искористат поволностите и државното кофинансирање од самиот проект на многу едноставен начин, со поднесување на барање до АВРМ во кое треба да биде наведен профилот на работник кој е потребен во рамките на претпријатието и делот од категориите на лица кои влегуваат во самиот оглас. Потоа Агенцијата во брз период ќе ги обработи сите барања и ќе селектира листа на работници кои одговараат на потребите на претпријатието за потоа да може самиот работодавач да го избере најсоодветниот кадар, вели владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.

Владата доделува шест месечна субвенција на бруто плата со обврска работникот да биде задржан на работа дополнителни шест месеци.

Доколку работодавачот се одлучи за овој модел на погодности, субвенцијата ќе се исплаќа во два износа – еден понизок за лицата кои немаат квалификации и еден повисок за оние лица со повисок степен на образование или кои ќе бидат вработени на места на кои се извршуваат покомплексни работни задачи.

Понискиот износ на субвенцијата е бруто месечна плата од 14.900 денари по вработено лице, а повисокиот износ на субвенцијата е бруто месечна плата од 17.000 денари по субвенционирано вработување. Дополнително на ова, во текот на првите 6 месеци од периодот на субвенционирано вработување на работодавачот ќе му се исплаќаат по 5.000 денари по вработено лице преку оваа програма и истите ќе бидат наменети за покривање на трошоците за обука и материјали.

 
 
05.11.2015 - 15:46

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега