Алкохол, закани, тупаници и бес - еве што им приреди млад гевгеличанец на група полицајци
24 годишниот Ѓ.В. од селото Стојаково си заработи кривична пријава откако на 4-ти овој месец физички нападнал судски доставувач и неколкумина полицајци.
Од МВР информираат дека Ѓ.В. се опијанил и седел пред продавница во Стојаково, кога на него налетал судскиот доставувач Р.С., кој претходно му доставил судска покана. Ѓ.В. се збеснал и физички го нападнал, удирајќи го со тупаница во пределот на главата.
Кратко потоа, на местото на инцидентот пристигнале група полицајци кои исто така добиле по некој удар од бесното момче. Ѓ.В. одбивал да појде со полициските службеници во полициска станица, па почнал агресивно да се однесува, заканувајќи му се на еден од полицајците дека ќе го убие и него и неговото семејство.
Пијаното момче било скротено и по разговор со него му бил одреден мерка притвор во траење од осум дена.