Началникот на ГШ на шпанските вооружени сили во посета на Македонија
Во дводневна официјална посета на Република Македонија и АРМ денеска и утре ќе престојува делегација на вооружените сили (ВС) на Кралството Шпанија, на чело со началникот на Генералштабот на ВС, генерал адмирал Фернандо Гарсија Санчез.
Делегацијата во ГШ на АРМ ќе има средба со началникот на ГШ на АРМ генерал-мајор Горанчо Котески и со државниот секретар во Министерството за одбрана, Сашо Стефаноски.
Ова е прва официјална посета на АРМ од страна на еден Началник на ГШ на ВС на Кралството Шпанија, на која покрај унапредувањето на билатералната воена соработка, ќе се разговара и за искуствата на АРМ од учеството во мисиите предводени од НАТО и ЕУ и за трансформацијата на АРМ.
Билатералната соработка на полето на одбраната со Кралството Шпанија официјално е воспоставена во октомври 2009 година, со потпишување Меморандум за соработка помеѓу министерствата за одбрана. Во изминативе две години, соработката на АРМ со ВС на Кралството Шпанија се одвива на полето на военото образование и јазичната обука, обуката на клучни специјалности пред упатување во мисијата ИСАФ во Авганистан, како и обука за проверка на воздухопловни радионавигациски уреди.