Грците ќе се „растргнат“: Со Македонија да не се игра!

Прашањето за името на Македонија беше една од главните теми во говорите на кандидатите за лидер на грчката опозициска партија Нова демократија кои изминатиов викенд ја посетија северна Грција во рамките на изборната кампања, пренесе МИА.

Вангелис Меимаракис, кој е актуелен лидер на конзервативците, ја повика грчката Влада да заборави на заеднички морски патроли со Турција и истакна дека и покрај кризата, националните прашања мора да се „бранат“.

- Македонија е грчка, истакна Меимаракис, исто како што го заврши својот говор во Парламентот во петокот. Тој потсети на „едногласната одлука на Парламентот која доведе до одлуката во Букурешт“.

Апостолос Ѕиѕикостас го посети Лерин и присуствуваше на одбележување на „Денот на сеќавање на македонската борба“ и испрати порака до грчката Влада „да не се осмелува да си игра со Македонија“, пренесе МИА.

- Со интересите на земјата не смее да се игра. Не се осмелувајте да си играте со Македонија. Грција има јасна национална позиција и не треба да преговара, рече Ѕиѕикостас.

- Ние Македонците сме многу горди на нашите предци и наша должност е да ја одржуваме жива нивната жртва, етика и вредности, додаде кандидатот за лидер на Нова демократија.

Изминатиов викенд во Грција не стивнаа ни реакциите по настаните во грчкиот парламент во петокот кога лидерот на Златна зора Никос Михалолиакос објави писмо кое грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕиас го испратил до опозициските партии во кое бара од партиите да ги изразат нивните ставови и предлози за решавање на проблемот со името. Прашањето предизвика бурна расправа во Парламентот, со оглед на тоа што се работи за доверлив документ, при што Меимаракис го обвини Коѕиас дека дури и сам и го открил писмото на јавноста.  Пратеникот на ПАСОК Андреас Ловердос рече дека одлуката на Коѕиас да го испрати писмото до сите партии, вклучувајќи ја и Златна зора чии пратеници се судат за криминал, е „многу опасно“.

Коѕиас на сето ова праша од кога во Парламентот се презентираат доверливи документи и рече дека претставниците на неофашистичката партија повеќе нема да учествуваат во Националниот совет за надворешна политика.

Портпаролот на грчкото МНР Констатинос Кутрас подоцна објасни дека во рамките на последниот состанок на Националниот совет за надворешна политика, одржан на 22 јули, „на разговори кои се предвидени со закон и се доверливи“, Коѕиас побарал од претставниците на партиите да ги испратат своите ставови и предлози во врска со прашањето за името на Македонија. Со оглед на тоа што до тогаш немало одговор на барањето на Коѕиас, тој испратил писмо до сите релевантни партии да ги потсети дека ги чека нивните одговори.

По сето ова, Коѕиас во саботата на својот профил на Твитер напиша дека „добрата работа за несериозните агресии е тоа што после години се зголемува интересот за надворешната политика и нејзините институции“. 

 

 

Оцени ја веста

19.10.2015 - 10:06
Фото: 
МИА

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега