Требст: Не треба да се преговара за македонскиот јазик и историја - тие се тука и постојат
Јазиците не се категории на кои еден народ може да има право или не! Јазиците меѓународно не се признаваат, туку тие се едноставно тука, постојат, вели проф. др. Штефан Требст во интервју за Дојче Веле.
На тема односите со Бугарија, Требст вели дека нашиот источен сосед сака да го искористи потенцијалното членство на Македонија во ЕУ и НАТО за да се обезбеди договор во врска со дефинирањето на македонскиот јазик и историја.
- Последната година има големи промена и оттогаш владата на ГЕРБ со Бојко Борисов и сегашната на Орешарски се изјаснија во друга насока: ја поддржуваат грчката позиција според која Република Македонија не е се’ уште подготвена за членството во НАТО и Европската Унија. Од грчкиот аспект ова е поради проблемот со името, а од бугарскиот сега очигледно улога има прашањето за јазикот. Ова со години горливо билатерално прашање беше стивнато, и сега се оди чекор на назад. Голем дел од политичката елита во Бугарија е на мислење дека потенцијалното членство на Македонија во НАТО и ЕУ треба да се искористи како средство на притисок за да се обезбеди еден вид договор со Скопје во врска со дефинирањето на македонскиот јазик, историјата на Македонија, еден вид јазични формулации со што ќе се подвлече дека до есента 1944 тие (н.з.јазикот, историјата) биле дел од бугарската национална историја, а потоа, преку ноќ - започнува историската епоха на македонската историја. Дека треба да се направи јасна разграниченост: пред 1944 и по 1944. Под мотото по 1944 вие може да се именувате како Македонци и да имате македонска историја, но се’ што е пред 1944 - е бугарско! Затоа и лесно може да се претпостави дека од македонска страна по ова прашање нема да има подготвеност за компромис, зашто невообичаено е работите како јазикот, историјата и сл. вака да се третираат. Тие не се категории на кои еден народ може да има право или не. Во најмала рака не може еден јазик туку така да се означи. Јазиците меѓународно не се признаваат, туку тие се едноставно тука, постојат. Се признаваат или не државите. Иако има случаи да не бидат, вели Требст за Дојче Веле.
На прашањето дали смета дека Македонија има иднина и покрај случувањата со Грција и Бугарија, тој вели дека Македонија треба да гледа поддршка во другите соседи и потенцијални соработници/
-Секако дека ова е тешка ситуација, но Македонија има редица други соседи и потенцијални партнери за соработка. Сигурно е, меѓутоа, дека многу работи би биле полесни кога Македонија би била членка на Европската унија. НАТО членството, според мене не е толку задолжително потребно зашто веќе има цврста соработка меѓу НАТО и Македонија, но ЕУ членството би било голема предност, вели Требст.