Прилепчани се запознаа со можностите: Саемот за вработување во Прилеп

Над 40 компании денеска пред прилепчани ги понудија своите можности за слободни работни места на првиот Саем за вработување од новиот циклус што ќе се реализира низ општините во Македонија.

Саемот е отворен во Центарот за култура „Марко Цепенков“, а на него присуствуваа министерот за труд и социјална политика Диме Спасов и директорот на Агенцијата за вработување Влатко Поповски.

- Целта е да се видат можностите што ги нудат приватните компании и да се поттикнат луѓето активно да бараат работа, да се создаде можност невработените лица побрзо да стапат во контакт со претставници од приватните компании кои имаат слободни работни места. Истовремено саемите се и можност за младите кои се во процес на образование, да видат какви вештини и занимања се бараат на пазарот на трудот за да се ориентираат каде да го насочат школувањето, истакна министерот Спасов, додавајќи дека на денешниот саем се доставени над 2.000 апликации за вработување.

Според директорот на Агенцијата за вработување, досегашното искуство од ваквите саеми е позитивно, односно има 600 вработувања, а се разгледуваат 1.500 апликации од вкупно позитивните 8.000.

- Очекуваме позитивни резултати и од новиот циклус од осум саеми за вработување се е со цел да им понудиме поблизок пристап на невработените до отворените работни места и да им ги понудиме на компаниите оние луѓе што бараат работа. Следниот саем го закажуваме на 7 октомври во Велес, рече Поповски.

Според него, најмногу потреба има за вработување на кадри во текстилната и металната индустрија и услугите.

За прилепскиот градоначалник Марјан Ристески, саемот ја продолжува можноста за нови работни места, а Прилеп претендира да отвори и Прва берза на трудот.

- Има доста голем интерес кај граѓаните. Фактот дека има над 1.500 пополнети апликации говори дека ова е одлична можност да се дојде до работно место. Со новите странски инвестиции и со оние за кои сме во преговори заедно со Владата, има голема побарувачка за пополнување на работни места. Можност за тоа се и продадените локации за капацитети во индустриската зона „Прилеп 1“. Овие години, со сите поволности и проекти што ги нуди Владата за самовработување имаме околу 1.500 остварени вработувања, рече Ристески.

За работодавците и невработените граѓани, саемот е одлична можност да се види каква е понудата и побарувачката на пазарот на трудот.

Сопственикот на текстилната компанија „Хатра“ Благоја Конески вели дека текстилната индустрија во моментот е стабилна и има можности за нови вработувања. - Во компанијата работиме на нова инвестиција и ќе има потреба од нови вработувања, изјави Конески.

Бизнисмените сметаат дека позитивно влијаат и владините проекти кои се во насока на развој на економијата.

- Од средствата што ги добивме од владините програми сме задоволни. Ни требаат пекари. До Нова година ќе ни требаат 12 работници, изјави Владимир Апостолоски, сопственик на пекарницата „Стара фурна“.

Со првиот караван на Саемите за вработување беа посетени осум градови меѓу кои Скопје, Неготино, Штип, Охрид, Струмица, Битола, Куманово и Тетово.

 

 

Оцени ја веста

30.09.2015 - 15:43
Фото: 
МИА

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега