Груевски во Колумбус: Презентирани поволностите за инвестирање во Македонија

Владина делегација предводена од премиерот Никола Груевски ги презентираше поволностите што ги нуди Македонија за привлекување странски инвестиции и за отворање нови работни места пред бизнисмени од повеќе сектори на бизнис форум во Колумбус, главниот град на сојузната држава Охај о во САД.

Со бизнис форумот, што се одржа во соработка со економската групација „Колумбус 2020“, владината делегација од вчера ја почна посетата на Соединетите Американски Држави.

Во обраќањето на бизнис форумот Груевски се осврна на пакетот поволности кои Македонија ги обезбедува за реализација на инвестиции. Ги акцентираше најниските трошоци за компаниите за водење бизнис во Европа, претставени преку ниските и рамни даноци и погодностите во технолошко – индустриските развојни зони. Потенцирајќи ги позитивните макроекономски индикатори, како што се растот на бруто домашниот производ и извозот од зоните, ниското и умерено ниво на надворешен државен долг, стабилната стапка на инфлација, македонскиот премиер истакна дека овие показатели нудат предвидливо бизнис опкружување кое е позитивно за креирање и развој на бизниси, соопшти денеска владината служба за информирање.

Груевски  укажал на владината ориентација за постојан дијалог со бизнис заедницата во насока на креирање добра бизнис клима и на отвореноста за решавање конкретни предизвици со кои се соочуваат компаниите во работата, при што го истакна проектот Регулаторна гилотина.

- Еден од најважните проекти кои нашата земја ги имплементира во последните години и кој ни помогна да ја подобриме бизнис климата е проектот Регулаторна гилотина. Овој проект беше имплементиран заедно со стопанските комори и со повеќе од 300 компании, различни по големина, од различни индустрии и сектори, и овој проект значеше кратење или пак поевтинување на илјадници бирократски процедури во земјата што многу им помогна и на домашните и на странските компании, истакна премиерот Груевски.

Според Груевски, со проектите што се спроведуваат во образованието се гради конкурентна и талентирана работна сила, како еден од аргументите за привлекување странски инвеститори и во функција на обезбедување на вработување и професионален развој и надградба на македонските работници.

Таквата цел  на владината политика за инвестиции во образован кадар, според соопштението, ја потврдил и претседателот на Бордот на директори на Кемет електорникс, Франк Бранденберг, кој преку конкретни примери, како еден од најголемите квалитети на Макеоднија ги истакнал токму способностите на работниот кадар.

- Во Македонија воспоставивме Центар за поддршка на клиентите од цела Европа, и тоа не само заради способностите за познавање на странските јазици туку затоа што луѓето во тој центар имаат бизнис способности. Кога се јавува клиентот и има прашања за на пример фактурирањето, за цените, за испораките, луѓето во центарот не само што ги зборуваат јазиците на клиентите, како на пример италијанскиот, германскиот или друг европски јазик, затоа што клиентите се од цела Европа, туку луѓето во центарот разбираат што клиентот прашува, односно имаат чувство за бизнис, истакнал Френк Бранденберг, престедател на Бордот на директори на Кемет Електроникс.

Нагенда Равандала од „Абот Лабс“, компанија на 61 позиција на листата на 500 најбогати светски компании Fortune 500, навле дека од податоците кои беше слушнал на презентацијата може да се забележи оти една од компаративните предности на Македонија е едуцираноста и талентираноста на работната сила.

- Она што ме заинтригира е балансираниот пристап кој Македонија го има, и кој што значи не само да се создаде простор за поддршка на производствените капацитети туку и понудата на талентирана работна сила. Компаниите како нашата, кои имаат интерес за инвестиции, не бараат само простор за реализација на деловните операции туку се интересираат дали има работна сила која може да помогне во развивањето на локалните подружници и правецот на постојан раст на компанијата. Мислам дека Македонија ги поседува овие компетенции, изјави Равандала од компанијата „Абот Лабс“.

Учесниците на бизнис форумот, се вели во сооопштението, дадоа позитивна оценка за понудата која ја обезбедува нашата земја за реализација на странски инвестиции.

- Она што го слушнав претставува значајно поттикнување за компаниите да дојдат и да се лоцираат во Македонија. Мислам дека имате значајни драстични предности и тоа во поглед на даноците, ориентираноста на Владата за унапредување на бизнис климата и едуцираната работна сила. Тоа е многу атрактивно за бизнисмените да отвораат бизниси во Македонија, изјави Мајкл Ставроф од компанијата „РГ Бери Корпорејшн“.

Како најголем и главен град на државата Охајо и 15-ти најголем град во САД, Колумбус е карактеристичен по разновидната економија базирана на повеќе сектори: образование, банкарство, технологија, енергетика, здравство, осигурување, авијација, логистика, мода, ....

Колумбус неколку пати беше рангиран меѓу најдобрите градови во Америка за водење бизнис од страна на Форбс (Forbes), Бизнис Вик (BusinessWeek) и Ефдиај Магазин (FDi Magazine), а во градот има седишта на поголем број на компании кои се наоѓаат на листата Форчјн 500(Fortune 500).

Покрај учество на бизнис форуми, македонската владина делегација ќе има средби со дијаспората во повеќе градови во САД.

Премиерот Никола Груевски ќе има агенда на настани и обраќања и во рамките на сесијата на Годишното собрание на Обединетите Нации.

 

 

Оцени ја веста

26.09.2015 - 10:43

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега