Груевски: Влошени се односите со ДУИ
Се трудиме да имаме добри односи со ДУИ. Премиерот Никола Груески во интервју за Нетпрес вели дека релациите со коалициониот партнер се влошени но дека се уште се одржливи.
„Имаме несогласувања. За некои наоѓаме решенија, за некои сеуште не. Реков еднаш и пак ќе кажам, односите со ДУИ во првиот и во вториот мандат не се исти. Во вториот се влошени, но сеуште на одржливо ниво. Се додека имаме тренд на зголемување на стандардите во сите сфери, ќе има логика нашето коалицирање. Тоа е наша мисија како политичари. Постојани реформи на подобро. За подобро на сите, независно дали некој е Македонец, Албанец, Турчин, Србин, Ром, Бошњак, Влав или нешто друго. Независно дали е христијанин или муслиманин, или атеист.“ - вели Груевски за Нетпрес.
Во врска со барањата на ДУИ за употребата на албанскиот јазик, Груевски вели дека тоа е обид на некои политчари да си обезбедат поголем политички профит.
„Мислам дека некои политичари од желба да им се додворат на своите електорати забораваат на некои посуштински работи. На пример, Албанците во Македонија, изучувањето на македонскиот јазик го започнуваат од четврто одделение, а на англиски од прво одделение. Постои отпор, и двата да се изучуваат од прво одделение. Од друга страна, согласно закон, македонските ученици можат да го изучуваат албанскиот јазик факултативно во училиште, но речиси никој не го прави тоа. Политичарите ова го премолчуваат за да не загубат политички поени односно за да не бидат погрешно разбрани и нападнати од политичкиот противник. Се прашувам каде не води ова? Ако сега веќе не живееме едни со други, туку едни покрај други, како ли ќе биде по 20 или 30 години. Како ќе се разбираме меѓусебе? Со преведувачи, или на англиски? Тоа се суштински проблеми, а не дали претседателот на Собрание седницата ќе ја води на македонски или албански јазик, во услови кога преносот на телевизија, Албанците го добиваат со албанска надсинхронизација. “ - вели Груевски
Премиерот додава дека ќе ги охрабри своите деца, албанскиот јазик да го учат уште од стартот на образовниот процес.
Апсолутно. И не само да дозволам, јас би ги охрабрил да го направат тоа. Покрај, англискиот, знаењето албански јазик е предност. Воопшто земено, учењето странски јазик е богаство, и не случајно народот рекол, богат си толку колку што знаеш јазици, или вредиш за онолку луѓе колку што јазици говориш. Посебно познавањето на јазикот на комшијата е предност а не хендикепт, вели Груевски за Нетпрес.