Демолирано кајчето на првиот човек на „Пастрмка“ - струшките рибокрадци го возвраќаат ударот?
Непознати сторители го демолирале кајчето на одоговорното лице во Здружението на риболовци „Пастрмка“ од Струга, кое е концесионер за организирање рекреативен риболов во „Риболовниот ревир река Црн Дрим 1“.
Како што информира Емил Матовски, неговото кајче било демолирано и потопено во езерските води кај т.н. Женска плажа.
- Имаќи предвид дека оштетувањето на кајчето е извршено на фреквентна локација, односно на Женска плажа во Струга, мислам дека ќе се најдат сведоци за откривање на сторителите. Не е логично во тој дел на градот, каде има и чувари на блиските објекти и шанкови, никој да не забележал ништо, вели Матовски.
Според него, ваквиот вандалски чин е резултат на интензивните контроли на реката Црн Дрим што ги врши рибочуварската служба на здружението-концесионер.
- Во текот на изминативе две години се поднесени повеќе од 20 пријави против рибокрадци, со што е зададен сериозен удар на рибокрадците во Струга и Струшко. Ваков потег беше очекуван затоа што и во минатата година ми беше оштетено кајчето, а во текот на изминатите две години континуирано добивам закани од страна на рибокрадците. Свесен сум дека ќе има уште закани и нанесување штета, но нема запирање. Целта е да се уништат рибокрадците, тоа е макотрпна и долготрајна работа, но сигурен сум дека ќе успееме и покрај материјалните штети што ни се нанесуваат, додава Матовски.
Случајот бил пријавен во струшката полиција од каде бил извршен увид и се работи на откривање на сторителите.