Уна Николоска: Растењето боли2 - Калимеро не биди глуп

1. Кога бев помала, актуелно беше собирањето на сликички во албуми насловени како: Принцези, Брац, Винкс и многу други чии имиња не ги паметам. Сликичките се купуваа во пакетчиња, ,,на слепо‘‘ - не знаејќи кои ќе ти се паднат. Јас никако не можев да сфатам како и зошто моите албуми остануваа полупразни!? Тогаш не знаев дека своите дупликати ги даваш на некој само ако тој има да ти врати сликичка што ти ја немаш. Јас своите сликички ги раздавав без воопшто да размислувам дека за возврат треба за нив и да добијам. Другарчињата, секако без проблем ја користеа мојата наивност . Не сметав дека ова е погрешно бидејќи мама велеше: Никогаш немој да бидеш скржав и се дели со другарчето!

2. На прочуените роденденски забави во Мекдонлдс се соочив со нов проблем - играта „Музичко столче“ - најстјупидната игра од моето детство. Ќе се пуштеше музика и ќе се наредеа столчиња, притоа секогаш имаше едно столче помалку отколку што има деца. Целта на играта беше да гледаш да си фатиш столче само за својот „заден образ“, а притоа туркање на оној кој ќе ти се најде на  патот беше сосема дозволено. Победник беше најсилниот „баџо“ меѓу нас кој ќе успееше да ги истурка и поднатепа сите други за да успее да седне на столчето. Силеџискиот концепт на оваа игра, ниту тогаш, ниту пак сега, не ми е сосема јасен, па јас секогаш испаѓав уште во првиот круг бидејќи мама велеше: Никогаш не се туркај и се дели со другарчето!

3. Кога тргнав на школо и почнав да примам ужинка, се најдов во нов проблем.  Иако од дома ми велеа дека секогаш треба да ја делиш ужинката со другарчето кое заборавило дента да си понесе, ситуацијата на теренот (големиот одмор) беше драматично поинаква. Јас бев наивна жртва на континуиран, брутален грабеж (понекогаш и ќотек) заради ужинка. Се се‘ случува речиси за секунда: слушаш чекори од зад грб од разно - разни силеџии, ти ја дрпнуваат кесата чипс, кроасанчиња или переци, ја разграбуваат меѓусебе, а на крај ти си седиш гладен до 6 -ти  час слушајќи го кркорењето на цревата. Мене не ми доаѓааше ум да си носам сендвич со маргарин од дома, бидејќи децата кои носеа сендвичи од дома служеа за потсмев. Тормозењето со ужината не престанува до ден денес, а мене сеуште во уши ми ѕвонат зборовите на мајка ми: На училиште не биди себичен и се дели со другарчето!

4. Во контекст на претходно кажаното е и една случка од пред некоја година кога од една фирма како репрезентација беа доделувани рекети за пинг - понг. Мојата претпоставка беше дека организаторот на хепенингот ќе има онолку рекети колку и деца на настанот. Но, грешев повторно, па само јас и најслабото дете од групата, затоа што не се буткавме, останавме да играме пинг - понг со раце. За разлика од нас, вистински фраери излегоа оние кои заграбаа по 5-6, па тие после им ги делеа на другите деца. Оваа ендемска појава за жал се среќава и меѓу повозрасните. Одејќи на аеробик повторно се соочив со феноменот „Грабни по 2,3 ,4, 5 ... а другите нека цркнат“, само што овој пат тепачката не е за рекети, туку за едни глупави перничиња кои ги ставаш под себе на паркет додека вежбаш. Неретко за мене како најмала во групата не останува ниту едно, бидејќи мама вели:  Не е  убаво да се буткаш, не биди себичен и давај им секогаш предност на повозрасните од себе!

5. Мама секогаш вели: Твое е само она што си го платил или ти го подариле. Ама сите мајки не ги учат така своите деца. Мојот прибор континуирано беше ограбуван од некои од моите другрчиња. А, кога ќе си ги препознаев  (агломерите, шестарот, моливите, фломастерите и боичките ) и ќе си ги побарав, одговорот беше: „Не се ,,бедирај‘‘, и јас си купив исто такво“. Дури и кога стануваше збор за пенкало кое го имав само јас, донесено од некое патување, пенкало на кое сеуште стоеше изгризеното капаче со отисоци од моите заби, неможев никако да докажам дека ми припаѓа мене. И не ми беше жал за тоа што 2 книжари ,,живееа‘‘ од мене , туку за горчливото чувство кое во мене остануваше по неуспешните обиди да си ја повратам сопственоста. Уште мене ми беше непријатно што им го барам назад пленот! Се разбира дома постојано ме караа како сум расеана и се живо губам. Од овој безизлез утеха наоѓав во зборовите на мајка ми:  „Никогаш не биди себична и се дели со другарчињата“.

НАРАВОУЧЕНИЕ!

Три патишта водат до мудроста:

1. Размислување - тоа е најблагородно

2. Воспитување - тоа е најлесно

3. Искуство - тоа е најнепријатно

 

или како што рекол Толстој: ,,Во шахот, како и во животот, своите грешки ги приметуваме дури кога другите ќе го искористат тоа!‘‘

Уна Николоска (13 години)