Лекција за законитоста

tanjaИнволвираноста на политиката во овој судски случај ја става на преден план политичката наместо правната димензија, и за жал ги инструментализира посебно проопозициските медиуми да прават директен упад врз уставните начела за судовите, а посебно врз начелото на независност и самостојност на судовите во вршењето на судската функција. Се заборава дека Уставот го гарантира објективното, непристрасно, и совесно вршење на судската функција, имуна од влијанието на поединци или институции. Уставот јасно утврдува дека судската власт ја вршат судовите, и дека судовите се самостојни и независни. Тоа значи дека никој не може да влијае врз судот во конкретни случаи тој да донесува одлуки во определен правец, и со определена содржина, како и да се меша во работата на судот во вршењето на судската функција во одделни случаи. Прокламирајќи го ова начело, Уставот ја изразува заинтересираноста на државата за спречување на секакво, а посебно политичко, влијание во вршењето на судската функција. Основата на ова начело се наоѓа и во начелото на легалитет (законитост) со кое се гарантира дека судовите судат само врз основа на Уставот, законите и меѓународните договори ратификувани согласно со Уставот.

Сите притисоци што СДСМ и опозициските поддржувачи во континуитет ги прават врз редовното судство и врз јавното обвинителство во земјата се квалификуваат како директна повреда на уставните норми, како однапред договорено и организирано омаловажување на органите, а посебно на институциите на државата, насочено кон целосно рушење на довербата во државниот правен и политички систем, и создавање основа за организирање на паралелен правосуден и политички систем по мерка на опозицијата. Ваквото барање, всушност, опозицијата воопшто и не го крие. Токму нивниот предлог за организирање на специјален обвинител целосно независен од редовното јавно обвинителство во земјата, што е повторно предлог со кој се крши Уставот, како и сé погласните предлози од опозициските поддржувачи за организирање на посебен, специјален суд кој ќе постапува по предметите врзани со прислушкувањето, се директни докази дека опозицијата има стратегија на политичко делување која треба да доведе до постоење на некакви паралелни системи, како вид држава во држава.      

Интересно за гледање е како искусни правници, професори, поранешни обвинители, адвокати и слично, со денови, преку опозициските медиуми, вршат правничко толкување на сосема прецизни, јасни и недвосмислени одредби од Законот за кривичната постапка, иако им е јасно, или барем би требало да им е јасно дека автентично толкување на закон прави само Собранието на РМ, и е можно да се прави во случај кога конкретната законска одредба е непрецизна, и двосмислена. Индивидуалното правничко толкување е лична перцепција на некој правник изнесена во јавноста како личен став. И толку.

Државата, судството, јавното обвинителство или која било друга институција во земјата не смеат да подлегнуваат на лични перцепции и лични размислувања на група правници, а уште помалку смее да се дозволи овие ставови неформално да бидат посилни по вредност од важечките правни акти во земјата, и од редовните органи кои функционираат по словото на законот. 

Се изнаслушавме многу правнички мислења за судската одлука. И тоа во демократски амбиент и во демократски услови какви што постојат во земјата е во ред, и е неспорно. Проблемот доаѓа во оној момент кога токму од правниците од кои се очекува дека имаат основно познавање на правните категории ќе слушнете мислења во кои отсуствува правното знаење. Така, познати поранешни јавни обвинители, сегашни професори и адвокати изнесоа свои ставови за случајот во кои е евидентно непознавањето на начелото на законитост, базичен принцип врз кој се заснова целиот правен и политички систем во земјата. Слушнавме дека не требало да се цени само формалната страна поврзана со доказите, туку дека требало без разлика на повредата во формалната законитост, да се навлезе во материјалната суштина на доказите, односно во нивната содржина. Тоа во превод значи баталете ја формата фокусирајте се на содржината. Овој став е партиски став на СДСМ од самиот почеток кога започна објавувањето на т.н. „бомби“ на Заев. Чудно е што токму правниците во СДСМ го имаат формулирано овој небулозен став. Зар навистина не знаат дека законитоста има формална и материјална страна, и дека ако е повреден формалниот аспект на законитоста, повреден е и материјалниот аспект на законитоста. Зар навистина немаат поим дека повредата на формалните аспекти на законитоста (докази прибавени на незаконит начин или со кршење на слободите и правата утврдени со Уставот на РМ, законите и меѓународните договори), значи повреда и на материјалните аспекти на законитоста (незаконска е содржината на сите докази собрани на тој начин). Преведено на обичен јазик, опозициските правници сакаат да не убедат дека, на пример, закон донесен во постапка спротивна на Уставот, и на Деловникот на Собранието, со целосно повредена постапка, треба да важи само затоа што содржината на тој закон, според нивните проценки, е важна за државата. Владеењето на правото, на кое толку силно се повикува опозицијата, прецизно го дефинира и ова прашање, законитоста и нејзиното значење во системот со цел да може да се обезбеди владеење на правото. Токму владеењето на правото упатува на потребата од взаемно почитување на формалната и материјалната страна на законитоста. Материјална без формална законитост не е можна.

Проф. д-р Тања Каракамишева-Јовановска

 

 

Оцени ја веста

07.09.2015 - 23:33

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега