Груевски: Ги гледаме луѓето в лице и им ги решаваме проблемите

Целта на овие посети е директно на терен соочување со луѓето и со нивните проблеми и обиди да се решат барем дел од тие проблеми. Дел од нив сме ги ветиле и тоа што сме го ветиле веќе го решаваме или ќе го решиме. Голем дел не сме ги ветиле, но и за тие што не сме ги ветиле бараме решение како да се помогне.

Ова денеска го изјави премиерот Никола Груевски кој посети повеќе населени места во општините Куманово и Старо Нагоричане, каде што оствари средби со жителите и беше директно информиран за проблемите со кои се соочуваат.

- Во општина Куманово започнав од најголемото село Романовце, каде што разговарав со поголема група граѓани и дознав дека се уште имаат проблем со канализацијата. Градоначалникот, за жал, во овој меѓупериод не се погрижил да го реши тој најголем проблем на луѓето од Романовце. Она што е важно за тој дел е дека Министерството за транспорт и врски има обезбедено средства за тој проект, но потребно е градоначалникот на Куманово да достави барање и проект, изјави Груевски.

Тој потсети дека Владата финансира голем број проекти од Програмата за рурален развој, а за такво нешто, истакна, потребно е да се има проект од страна на градоначалникот и да се достави барање.

- За жал, Куманово е една од многу малкуте општини коишто не доставија никакво барање и никаков проект, а потреба има. Еве, само во првото село кога дојдовме ни кажаа дека имаат проблем со канализацијата. Се работи за проект вреден околу 500.000 евра. Им кажавме на луѓето и јавно апелираме до градоначалникот на Општина Куманово да го достави проектот до Министерството за транспорт и врски и веднаш ќе се обезбедат средства за изграба на канализацијата во Романовце, нагласи премиерот.

Во населеното место Гоце Делчев во Куманово, по средбата со жителите, премиерот Груевски меѓу останатите издвои две прашања кои беа посочени како проблем од страна на жителите.

- Првиот е поврзан со дислокација на Центарот за зависници за којшто веќе се работат подготовки да се префрли во болницата каде што е Ургентниот центар, а треба да се изгради нов ургентен центар. Штом се изгради ургентен центар ќе се ослободи простор и за Центарот за наркозависници, рече Груевски и додаде оти за ургентниот центар во процедура е поднесување барање за градежна дозвола во Куманово, а ќе го гради Владата. - Штом ќе заврши изградбата на ургентниот центар ќе пристапиме кон дислокација на Центарот за зависници, рече Груевски.

Вториот поголем проблем во ова населено место во Куманово е немањето градинка, што им било ветувано од страна на кумановскиот градоначалник, а не е реализирано иако е во надлежност на локалната самоуправа.

- Ние сме подготвени доколку градоначалникот најде одреден простор кој е слободен и можеме да го преадаптираме да извршиме преадаптација со финансиски средства обезбедени од МТСП, да извршиме опремување и да се реши барем делумно или можеби целосно проблемот со градинка во тој дел на Куманово, рече премиерот.

Во Општина Куманово, Груевски посети две училишта и тоа едното каде што во тек е реконструкција, финансирана од Владата преку МОН, преку одредени меѓународни финансиски линии.

- Тоа е при крај и некаде во октомври ќе заврши реконструкцијата. Таму се инвестираат 5,1 милион денари, за промена на кровот, промена на прозорците и други значајни работи. Потоа го посетивме едно од најстарите училишта во Куманово каде што веќе извршивме реконструкција во вредност од 12 милиони денари. Тука имаме интервенции на прозорците, на вратите, на подот, на кровот и друго, појасни претседателот на Владата.

Во населеното место Младо Нагоричане ,премиерот Груевски по средбата со жители, подвлече дека Владата дава поддршка на Општината Старо Нагоричане преку програмата за рурален развој и има финансирано над 600.000 евра.

Груевски во изјавата посочи дека градоначалникот на Старо Нагоричане доставил барање и проекти за три локални патишта кои преку Програмата за рурален развој се владина инвестиција.

- Едниот е веќе во градба, а другите два треба да се почне процедурата, одобрени се средствата и ќе бидат реализирани. Преку Програмата за развој на локалните самоуправи и од таму е финансиран уште еден пат, изјави Груевски.

Жителите на Младо Нагоричане на средбата со премиерот Никола Груевски како проблем со кој се соочуваат го посочија и немањето сигнал на Македонската телевизија и проблеми со струјата. 

 

 

Оцени ја веста

05.09.2015 - 22:44

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега