Параполитика на украденото граѓанско општество

Граѓанското општество е значаен фактор за плурализација и демократизација на секое општество. За тоа нема дилема, исто како што нема дилема дека во Македонија граѓанското општество, генерално зборувано, во континуитет пропушта да ја заземе својата вистинска улога. За жал, најголемиот број невладини организации кои се залагаат за транспарентност, критичност и отворено општество секогаш се затворени и агресивни кога некој ќе се обиде да разговара, анализира или полемизира за нивната вистинска улога во нашето општество. Тоа е еден мал парадокс кој многу говори за склопот на визури кои водачите на најзвучните невладини организации ги имаат во себе. И овде не мислам на сите, ниту на мнозинството невладини организации, туку мислам на многу мал дел од нив, но токму оној дел што го киднапира терминот граѓанско општество, а всушност е дел кој само го злоупотребува тој термин и има параполитичка агенда.

Да бидеме директни и јасни. Во Македонија има развиено граѓанско општество, но тоа е невидливо, нејасно, тргнато на страна и ставено во политички контекст благодарение на дваесетина невладини организации (управувани од едни и исти десетина луѓе). Во Македонија има стотици невладини организации кои имаат своја специфична, одредена и коректна платформа, има невладини организации чија насока се животната средина, културната афирмација, правата на лицата со посебни потреби, невладините организации кои имаат здравствена агенда, фолклорни друштва, здруженија што имаат локален карактер, извиднички клубови, организации што имаат улога да обединуваат одредена професија, адвокати, нотари, доктори, професори, постојат невладини организации на децата-бегалци, на помалите етнички заедници, спортски здруженија и многу други. Но, општеството или никогаш не слуша за нив или тие се ставени во длабока сенка на едни исти дваесетина организации кои се постојано и секогаш сеприсутни низ медиумите на секоја тема без исклучок. Тука сесрдно имаат помош од медиуми финансирани од истиот оној спонзор кој ги спонзорира и овие квазиневладини организации. Kога, само хипотетички би имала надлежност антимонополската администрација на овој дел од општеството, сигурно дека овие квазиневладини организации и нивната спрега со медиуми финансирани од ист извор би бил интересен материјал за разгледување и постапување.

Во Република Македонија има невладини организации за кои сме виделе дека имаат само еден или максимум двајца свои добро платени активисти, а кои имаат капацитет да се занимаваат со с` и сешто. Истите луѓе зборуваат во јавност (на медиумите финансирани од истиот спонзор) за здравство, за екологија, за економија, за детско престапништво, за корупција, за заштита на животните, за функционирање на Собранието, за проектот за изградба на хидроцентрала во Луково Поле, за медиуми, за функционирање на општините, за бидиверзитетот, за судскиот систем, за меѓународните односи, за кризата во Сирија и мигрантите, за функционирањето на Европската Унија. Нема ни почеток ни крај овој список. Ист човек и иста организација има и знаење и експертиза и сила и енергија да зборува за с`. Овие невладини организации или имаат капацитет како Европската комисија и американскиот Kонгрес, од една страна, или лажат за себе, своите познавања, капацитет и цели, од друга.

Во Република Македонија има невладини организации што и да зборуваат, какви и активности да имаат, какви и публикации да печатат, какви и средби да одржуваат зборуваат само за едно, за политика и партии. Не можам да разберам како е возможно себеси да се претставуваш за претставник на граѓанско општество а без исклучок секогаш да зборуваш за политика и партии.

Во Република Македонија има дваесетина организации кои се раководени и чии активисти (вмрежено) се истите десетина луѓе. Неколку поранешни министри од СДСМ, неколку новинари и неколку надежно финансирани млади мегафони ги има на списоците со основачи, раководители, хонорарци и активисти во сите овие Соросови квазиневладини организации. Тоа не е проблем, секој има право да прави што сака, но е проблем кога истите тие луѓе ги киднапираат термините „граѓани“, „граѓанско општество“, „невладини организации“, „граѓанска иницијатива“, а всушност во секој случај тераат параполитичка агенда.

Во Република Македонија има невладини организации кои финансираат политички и партиски активности (што е забрането со закон).

Во Република Македонија има невладини организации кои зборуваат за плурализам, отворено општество, разногласие и демократија, а сите тие дваесетина организации секогаш и без исклучок имаат едно и единствено мислење и став по значајните прашања кои се предмет на интерес на јавноста. Случајно или не, тој став е идентичен со ставот на СДСМ, со ставот на уредувачката политика на „Плус инфо“, „Слободен печат“, „Либертас“, неколку телевизиски станици и ред по ред натаму. Да зборувате за плурализам, да се претставувате за граѓанско општество, а да се однесувате централистички координирано е парадокс на нашето современие.

Во Република Македонија има невладини организации кои прават коалиција со политички партии и кои се секојдневен дел од активностите на политички партии. Нема логика себеси да се прогласуваш за граѓански активист, а да бидеш дел од партиска агенда на говорници и промотори. Тогаш ти немаш граѓанска цел, туку имаш политичка, што никој на никого не смее да му го забрани, ама секој може да каже дека од граѓанско општество во овие организации нема ни „г“.

Во Република Македонија има активисти на истите овие дваесетина невладини организации кои се кандидираа за пратеници од СДСМ и кои беа избрани на функции како кандидати од невладини организации. Смешно, нелогично но вистинито.

Вистинското граѓанско општество кое има свои разнолики и разнонасочни цели и интереси не може да биде под монопол на исти десет луѓе распоредени во исти дваесет невладини организации и да има ист и идентичен став за сите прашања. Во Македонија има луѓе што сакаат да помагаат на постари лица, кои сакаат да помагаат на лица со посебни потреби, кои се грижат за животната средина, кои имаат локалпатриотска агенда, кои се борат за права на етничките заедници, кои сакаат да го промовираат спортот, да ја промовираат културата и кои не сакаат да се занимаваат со политичка хајка и партиска агенда. Е, на тие невладини организации и здруженија на граѓани им е киднапиран просторот, но и вниманието од јавноста, пристапот до фондовите и смислата на одделеност на граѓанското општество од секојдневната партиска политика.

Ја пишувам оваа колумна не со намера да му наштетам на кој и да било човек од овие десетина, туку да ги охрабрам да влезат во политиката, да се кандидираат, да направат политичка партија (како што им советувале и некои дипломати) или да влезат во некоја од оние на кои сесрдно им помагаат. Нека повелат, нека преземат одговорност пред вистинските граѓани и нека престанат да им го крадат „граѓанското општество“ на вистинските невладини организации.

ИЛИЈА ДИМОВСКИ ЗА ДНЕВНИК

 

 

Оцени ја веста

03.09.2015 - 23:30

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега