Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ: Со новите закони до поголеми права за работниците кои менуваат жени на породилно

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ на денешната 63-та Седница на Собранието на Република Македонија ја даде својата поддршка за измените и дополнувањата на Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност и Законот за пензиското и инвалидското осигурување кои што во своите измени и дополнувања нудат низа поволности кои се однесуваат на лица кои што се соочени со породилно отсуство од работа.

Во продолжение го пренесуваме нивното соопштение до јавноста:

Со измените и дополнувањата на Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност се излегува во пресрет на вработените, пред се на жени кои користат породилно отсуство. Законот предвидува одреден вид на гаранција дека по завршувањето на породилното отсуство работникот ќе се врати на своето работно место.

Исто така овие измени на законот предвидуваат одредени поволности и олеснувања и за работодавачот. Имено, работодавачот добива можност за време додека има работник на породилно отсуство да не ги плаќа придонесите, туку тоа да го прави државата, но исто така има законска можност да вработи друго лице кое ќе работи во периодот додека трае породилното отсуство на работникот кој тој го заменува, а притоа за тој период да биде ослободен од плаќање придонеси за задолжително социјално осигурување се додека работникот не се врати од породилно отсуство. По враќањето на работникот кои што бил на породилно отсуство, работодавачот е должен да го задржи истиот на работа, на истото работно место и да му се исплаќа иста нето плата, уште најмалку за истиот период за кои што работодавачот бил ослободен од плаќање придонеси од задолжително социјално осигурување.

Преку измените на овој закон се очекува да се намали притисокот на жените кои работат од страна на работодавачите во однос на користењето на породилното отсуство што индиректно би влијаело и на наталитетот и демографијата во државата.

Со измените и дополнувањата на Законот за пензиското и инвалидското осигурување се предвидува и воспоставува основ во стаж на осигурување да се смета времето што осигуреникот го поминал во работен однос или самовработување како замена за работник кој користи породилно отсуство од работа за кое е утврдено ослободување од плаќање на придонеси од задолжително социјално осигурување односно на работникот му тече стаж во периодот додека е вработен како замена.

Со втората предвидена измена на овој закон се овозможува на осигурениците за кои што е утврдено ослободување од плаќање на придонеси од задолжително социјално осигурување за периодот додека трае породилното отсуство да не се членови во вториот пензиски столб.

Како пратеници од Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ сметаме дека со измените и дополнувањата на овие два закони значително ќе се придонесе за подобрување на правата и условите на работниците кои користат породилно отсуство, но и на оние работници кои доаѓаат како нивна замена. Исто така, позитивни ефекти  од имплементацијата на овие закони ќе почувствуваат и работодавачите со тоа што додека трае породилното отсуство од работа, тие ќе бидат ослободени од плаќање на придонеси за задолжително социјално осигурување и за работникот и за неговата замена.

 

 

 

Оцени ја веста

26.08.2015 - 15:30

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега