Беличанец-Алексиќ ќе ја обновува Кисела Вода
Градоначалничката на скопската општина Кисела Вода Билјана Беличанец-Алексиќ денеска даде отчет за сработеното во изминатите три месеци и ги најави планираните активности во идниот период.
Во Кисела Вода во следниот период е планирана реконструкција и санирање на ударните дупки по улиците, а во тек е и изградбата на фекалната канализација на улицата Сердарот, која опфаќа и дел од улицата Герника.
- Паралелно со овој проект изготвен е проект за продолжување на оваа иста фекална канализација која треба да помине под пругата Скопје-Велес и да се приклучи во колекторот Фи - 500, за кој е распишана јавна набавка и ќе чини околу 8.000.000 ден. Во тек е тендерска постапка и по изборот на фирмата која ќе ја врши оваа градежна активност веднаш ќе се пристапи кон реализација на проектот и се надеваме дека до септември ќе се заврши долгогодишната мака на граѓаните со фекалната канализација на овој дел од општината, рече Беличанец - Алексиќ.
Планирана е и реконструкција на тротоарите и пешачките патеки, а отпочната е и постапка за изработка на проект за реконструкција и санација на киното со цел тоа да прерасне во културен дом. Во тек е избор на фирма за реализација на проектот „Изградба на водоводна мрежа во месноста Порупи”, а Беличанец најави дека наскоро ќе биде официјално откриен и „Споменикот на бранителите во населбата Драчево”.
Во изминатиот период завршени се повеќе градежни активности на водоводната и канализациската мрежа во општината, донесена е одлука за доделување на еднократна помош од шест илјади денари за секое новороденче, доделени се 400 нови решенија за легализација и пуштена е во функција апликацијата „Види, пријави, поправи”.
ФОТО: vmro-dpmne.org.mk