Услови за фер избори

Во продолжение погледнете ја најновата листа на барања на СДСМ и нивните медиумски пајтонџии со кои барем една недела ќе бидат задоволни од реформските процеси во државата и можеби ќе престанат да уценуваат.

5000ile-kolumna

Повелете прочитајте ги:

Прво, на Владата да и` биде забрането да гради нови патишта, а оние што се веќе почнати веднаш да запрат (штом СДСМ не градел не е фер сега ВМРО-ДПМНЕ да гради и да ја нарушува фер позицијата пред избори, во која сите мора да бидат исти).

Второ, на Груевски да му се забрани било што да работи како премиер или како претседател на ВМРО-ДПМНЕ, да му се забрани да предлага мерки и активности, а ако продолжи да работи да му биде забрането да се појавува пред јавноста (штом тој работи повторно се нарушува фер позицијата за СДСМ, бидејќи нивните премиери навистина не работеа, па нема да има можност за фер избори во кои СДСМ би имала иста позиција како и ВМРО).

Трето, меѓународната заедница да издаде наредба пензиите да не се зголемуваат, туку да се намалат за 8% со дополнителна обврска пензионерите да ги вратат сите пари што оваа „ненародна“ власт им ги дала во форма на зголемување на нивните пензии во минативе осум години (не е фер СДСМ да оди на избори на кои треба да објасни зошто и тие не ги зголемуваа пензиите).

Четврто, да не се градат станови за категорија на социјално загрозени граѓани и да не им се доделуваат (не е фер Владата да доделува станови, а СДСМ да е оптоварена со аферата кирии за потпретседателката).

Петто, странските инвестиции да се прогласат за цицачи на крв на граѓаните и државата (не е фер домашните олигарси збогатени во време на СДСМ да трошат пари по своите медиуми за да не убедат дека отворање на нови фабрики и нови работни места не е добро, кога тоа може со една одлука на било кој државен орган), а тоа што домашните фабрики си ги поделија без пари и избркаа 200.000 луѓе на улица да се прогласи за најдобра реформа во Македонија.

Шесто, да не се градат нови болници ниту во Скопје, ниту во Штип, ниту, пак, да се реконструираат болниците во другите градови (не е фер на избори да се избира помеѓу партија што гради и партија што не градела, па кога СДСМ не може да научи да гради, барем да може на ВМРО да му се забрани).

Седмо, на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ да им се забрани да присуствуваат на собраниски седници, да им се забрани да поставуваат пратенички прашања, да им се забрани да одржуваат контакт со граѓаните и да им се забрани каква било теренска активност и посета на населени места (кога веќе пратениците од СДСМ немаат никакви активности, мора на другите да им се забранат заради фер настап на следните избори).

Осмо, на министрите да им се забрани во следните шест месеци да зборуваат што е тоа што го сработиле или го работат (за да има фер пристап на изборите за СДСМ чии министри не можеа да се пофалат со работа).

Деветто, градоначалницте на ВМРО-ДПМНЕ да престанат да градат улици, водоводи и друга инфраструктура (не е фер СДСМ да се појави на избори на кои граѓаните ќе се потсетат дека живееја на калливи улици дваесетина години додека СДСМ владееше со државата и со општините).

Десетто, новите возови што треба да пристигнат оваа есен да не се пропуштат да ја поминат границата на Македонија (какви фер избори би имале ако СДСМ мора да одговори на прашањето зошто тие во нивните дваесет години не набавија ниту еден вагон и ниту еден автобус).

Единаесетто, годинава и следната да се забрани исплата на субвенции на земјоделците (бидејќи се додека тие ги добиваат СДСМ нема да има фер поле за натпревар).

Дванаесетто, на патните правци кон Охрид, Штип, Велес, Гевгелија и секаде каде што има интензивна изградба или реконструкција на патни правци да се постави ограда во форма на тараби за да не се гледа кон надвор се она што се гради (бидејќи ако се гледа тоа би било не фер позиција за СДСМ на следните избори).

Тринаесетто, на медиумите да им се забрани да известуваат за какви било активности на ВМРО во денови во кои СДСМ ќе одлучи да одмора покрај плажа (бидејќи не е фер да мора и тие секој ден да работат).

Четиринаесетто, да се објасни на граѓаните дека Владата нема улога ниту да гради, ниту да помага, ниту да зголемува пензии, ниту да дава субвенции, ниту да вработува, а ова што го прави ВМРО е класична злоупотреба (ќе беше фер и тие да си преседат мирни без да сработат ништо, за да може на избори да се оди ферски).

Петнаесетто, општинските комитети на ВМРО, секаде онаму каде што општинските организации на СДСМ се неактивни, да се расформираат, а на сите други места низ Македонија да им се намали активноста на 8 проценти.

Шеснаесетто, бројот на луѓе што ќе посетуваат предизборни митинзи да биде претходно договорен и да биде еднаков и за СДСМ и за ВМРО.

Седумнаесетто, на Груевски да му се забрани да се кандидира за која било функција.

Осумнаесетто, Избирачкиот список да биде подготвен од страна на фондацијата „Сорос“ и нивните финансиски добро потковани организации.

Деветнаесетто, на избори не смеат да гласаат сите оние кои се гласачи на ВМРО-ДПМНЕ.

Дваесетто, да се бележат со трака на ракав сите оние кои не гласаат за СДСМ.

Дваесет и прво, на албанските партии да им се даде законска обврска дека после избори смеат и мора да коалираат единствено со СДСМ, без разлика на другите изборни резултати.

Дваесет и второ, за вистина да се прогласи она што пишува на „Плус инфо“, а што го гледаме на „Телма“. С` друго да се прогласи за ерес на едната вистина и на едниот ум.

Дваесет и трето, Државната изборна комисија да биде составена од сите поранешни министри за правда во време на владите на СДСМ.

И, дваесет и четврто, одлука по жалба за нарушување на фер избори да не носи ниту еден судски орган, туку тоа право да му се додели на ЗНМ.

Без овие услови нема фер избори, нема правда и нема мир.

Илија Димовски за Дневник

 

 

Оцени ја веста

11.08.2015 - 14:54

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа