Во велешко голем интересот за набавка на земјоделска механизација

Голем е интересот кај земјоделците од општините Велес, Градско и Чашка за Програмата за рурален развој за набавка на трактори и приклучна механизација.

Според Тони Тасков, раководител на Агенцијата за поттикнување на развој на земјоделството во Велес, од први јули досега се пријавиле педесетина земјоделци од овој регион.

- Најголем дел од нив се за набавка на трактори, а помал дел за приклучна механизација. Рокот е до 31 август и земјоделците се уште можат да конкурираат, информира Тасков.

Услов за добивање средства од Програмата е земјоделците да имаат минимум 15 декари житни, индустриски и фуражни култури или пет декари тутун, а тракторот кој може да го набават е со максимум 95 коњски сили.

Како што потсети Тасков, земјоделците од Велешко може да се обратат до Агенцијата и за ИПАРД програмата за набавка на механизација со средства од ЕУ. Повикот трае до 15 септември.

- Во првиот повик за ИПАРД се пријавија 46 земјоделци, најмногу за лозарство и овоштарство, за набавка на трактори, а тука може да се набават трактори со максимум 110 коњски сили, рече Тасков.

За двата конкурса, и за Програмата за рурален развој и за ИПАРД програмата, кандидатите кои ќе добијат средства ќе бидат познати до крајот на годинава.

 

 

Оцени ја веста

09.08.2015 - 10:37

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега