Означен почетокот на колекторскиот систем во Мешеишта

Премиерот Никола Груевски во рамките на посетата во oхридскиот регион денеска го означи почетокот на изградба на колекторски систем во селото Мешеишта, во општина Дебарца.

Изградбата на колекторот за отпадни води претставува инвестиција вредна околу 250.000 евра. Претходно, рече премиерот, била изградена нова канализациска мрежа во должина од осум километри во Мешеишта. 

- Колекторот ќе ги прифаќа отпадните води од канализацијата од Мешеишта, како и отпадните води од Требеништа, Волино и Горенци чии канализациски мрежи ќе се градат во наредниот период. Со тоа правиме голем чекор напред кон обезбедување поквалитетен начин на живеење и постепено напуштање на септичките јами, кои ја загадуваат природата и подземните води во овие краишта, нагласи Груевски. 

Државниот секретар во Министерството за транспорт и врски Божидар Петревски посочи дека изградбата на регионален колектор за одведување на отпадните води во селото Мешеишта е во должина од 8.400 метри и ќе биде поврзан со канализацискиот систем. 

- Со овој проект нашето ветување и нашата примарна цел е да ги заштитиме водите на Охридското Езеро, согласно одредбите на УНЕСКО, рече Петревски потсетувајќи на реализираните инфраструктурни проекти во општината Дебарца. 

Поздравувајќи го отпочнувањето на изградбата на колекторскиот систем во Мешеишта градоначалникот на Дебарца Игор Трајковски потсети дека се исполнува уште едно предизборно ветување. Тој нагласи дека со реализацијата на проектот ќе се реши проблемот со одведување на отпадните води од домаќинствата и заштита на животната средина.

 

 

Оцени ја веста

07.08.2015 - 17:48

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега