Кукан: Македонија покажа дека е подготвена за почеток на преговори со ЕУ

Словачкиот европратеник и известувачот во сенка на ЕП за Македонија, Едуард Кукан, за Дојче Веле порачува политичките лидери да продолжат со проевропскиот развој, да продолжат со прилагодување на законите со европските закони и да најдат решение за името на земјата. 

Според словачкиот европратеник во ЕУ е јасна поддршката за Македонија, но, тој што решава не може да постигне договор.

- Лидерите на Македонија потребно е да продолжат да го работат она што го работеа досега, бидејќи важно е извештаите за напредокот да бидат и понатаму позитивни. Последната резолуција и извештајот на ЕП, исто како и на Комисијата, беа позитивни и препорачаа почеток на преговори најбрзо што е можно. Но за жал, во институцијата која ги носи одлуките, во Советот на ЕУ, не постои согласност за тоа. Ние официјално не знаеме поради која држава и зошто не постои согласност и тие само одлучија да расправаат за тоа шест месеци подоцна, вели Кукан за Дојче Веле.

Кукан истакнува дека Македонија докажала дека е подготвена за старт на преговорите со ЕУ

- Реформите продолжуваат, се разбира дека има уште многу да се направи за продолжувањето на реформите, но во основа Македонија докажа дека земјата е подготвена да започне со преговори, вели европратеникот, додавајќи дека македонските лидери треба да ги убедат европските земји дека тие се трпеливи и подготвени на компромис.

најчитано сега