Зошто СДСМ е против гласање на дијаспората ако “стотици илјади се иселуваат поради лошата власт“?

Зошто најголемата опозициска партија во земјава е против гласање на дијаспората на претстојните избори доколку се земат во предвид постојаните обвинувања од СДСМ на сметка на актуелната власт дека стотици илјади луѓе се иселуваат од земјава поради незадоволството од владејачката партија. Иако “незадоволните иселеници“ се голем потенцијал за нивни гласачи, сепак нејасно е зошто СДСМ не сака истите тие да гласаат.

Ова е прашањето кое неминовно се наметнува деновиве, откако една од точките за кои дебатираат работните групи на политичките партии потписнички на договорот во Пржино е гласањето на дијаспората. СДСМ и опозициските медиуми изминатиов период излегоа со низа небулози дека последниве 9 години се иселиле стотици илјади граѓани, споменувајќи бројка од 200 до 300 илјади лица, пишува Курир.

Според тврдењата на опозициските експоненти и самиот СДСМ, причината за иселувањето на овој огромен број лица била поради лошите политики на актуелната власт и лошите постапки на владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Доколку тоа навистина е така, како што тврди СДСМ, тогаш се поставува дилемата зошто токму оваа партија е против гласањето на дијаспората на претстојните избори и зошто СДСМ и соросовите медиуми упорно се залагаат да се укине гласањето на иселениците?

Според нивната логика и нивната математика, стотици илјади незадоволни и иселени во последниве 9 години се голем потенцијал за нивни гласачи, бидејќи според нивните тврдења тие ја напуштиле земјава незадоволни од актуелната власт. Од сето ова произлегува дека СДСМ очигледно некаде лаже и е неконзистентна, бидејќи нема никаква логика да не сака да гласаат оние кои незадоволни од нивниот политички опонент ја напуштиле Македонија.

Инаку, деновиве со низа реакции се јавија Македонците од дијаспората, кои едногласно порачаа дека гласањето мора да остане. Обединетата Македонска Дијаспора (ОМД), Македонската Алијанса, Советот на македонската заедница од САД беа само дел од здруженијата кои јасно порачаа дека и дијаспората има право на глас  и тоа право мора да се заштити.

Обединетата македонска дијаспора (ОМД) соопшти дека ги следи активностите на работната група за измени во изборниот законик и ги осудува сите напори кои би наштетиле или би им го одзеле правото на македонските иселеници да гласаат на претседателски и парламентарни избори во Република Македонија во трите изборни единици во дијаспората.

- За нас, предлогот за одземање или дополнително отежнување на правото на глас на дијаспората претставува несфатлив потег кој укажува на длабоко непочитување кон оние кои имаат континуиран и огромен придонес за економскиот развој на Република Македонија, како и за добивање меѓународна поддршка околу пристапот на државата во Евро-атлантските институции како НАТО и ЕУ, се вели во соопштението.

Од Македонската Алијанса ги повикаа сите политички субјекти во Република Македонија да не се пазарат со основното демократско право на македонската дијаспора, да избира и да биде избрана за да влијае на општествените текови во татковината.

За Македонската слијанса избирачкото право е основно политичко право на граѓаните и претставува обележје на современите, демократски, плуралистички држави кое е загарантирано со Универзалната декларација за правата на човекот од 1948 година.

-Ние сме свесни дека веројатно има одредени прашања кои можат да се подобрат, но секој почеток е тежок и секогаш постои можност правилата да се унапредат врз основа на претходните искуства. Ние имаме разбирање за фрустрацијата на одредени политички партии, кои својот неуспех да се наметнат програмски во дијаспората сакаат да го решат со иницијативи за укинување на нивното право за гласање, се вели во соопштението од Македонската Алијанса.

Денеска стигна реакција и од Советот на Македонска Заедница, национален центар Детроит, кои порачаа дека нивната насоченост кон татковината е мотивирана со желбата за придонес, но и вербата дека напредокот и благосостојбата на Македонија зависат меѓу другото и од степенот на вклученост на дијаспората и нејзиниот непроценлив потенцијал во развојот на Македонија.

- Здобивањето со избирачко право во Македонија беше долготраен, но и долгоочекуван  процес и ние нема да се откажеме од него. Советот на Македонската Заедница ќе продолжи да се бори за одржување на двонасочна и ефективна врска со Македонија, а ние цврсто сме убедени дека суштински инструмент во таа насока е неоттуѓивото и со Устав загарантирано право на глас на бројната македонска дијаспора, велат од ова здружение.

 

 

Оцени ја веста

29.07.2015 - 13:44

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега