Трофејот на Еуро баскетот на 8 август во Охрид

На 8 август во центарот на Охрид кошаркарските фанови, но и сите љубители на спортот и добрата забава, ќе имаат ексклузивна можност да бидат дел од овогодинешната „TROPHY TOUR“ - турнеја на ЕУРО БАСКЕТ-трофејот, пренесе МИА.

Во  секоја земја-учесник на ЕУРО БАСКЕТ 2015, Националната кошаркарска федерација и партнерите на ЕУРО БАСКЕТ го презентираат Трофејот на ЕУРО БАСКЕТ 2015. Освен промоција на Европското првенство и учеството на националната селекција, со овој настан се промовира и самиот домаќин на Трофејот преку видеоклип изработен од ФИБА во кој ќе бидат претставени културно-историските знаменитости и убавини на земјата.

Воедно, фановите и граѓаните ќе имаат шанса да се сликаат со Трофејот и Маскотата на ЕУРО БАСКЕТОТ – „FRENKIE“, како и да се дружат со кошаркарските легенди и активните репрезентативци кои ќе бидат поканети да се приклучат на настанот.

„ТROPHY TOUR“ – турнејата на ФИБА-трофејот започна на 19 мај во Рига (Литванија) и откако ќе пропатува низ сите земји-учеснички на ЕУРО БАСКЕТ 2015, ќе заврши на 30 август во Келн (Германија). Во Македонија   трофејот ќе  пристигне од Варшава (Полска), а потоа ќе биде испратен кон Антверпен (Белгија).

Овој трофеј е изработен од најфини материјали – злато и сребро во комбинација со 24 скапоцени камења, а негов автор е германскиот златар Гинтер Шобел. Трофејот тежи 18кг, висок е 23cм, со дијаметар од 35см и е поставен на мермерно подножје. Именуван е по Николај Семашко (1907-1976) кој бил поранешен претседател на Советскиот спортски комитет и потпретседател на ФИБА од 1960-1976 година, а од 2007 година е и член на Куќата на славните на ФИБА.

ЕУРО БАСКЕТ, порано нарекуван Европско кошаркарско првенство, е најзначајното натпреварување во репрезентативната кошарка во организација на ФИБА Европа. 

 

 

Оцени ја веста

28.07.2015 - 14:26

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега