Нови сознанија за предисториските населби во Македонија

Теренските истражувања во Пелагонија спроведени од тим македонски и полски археолози резултираа со нови сознанија за предисториските населби во Македонија и за начинот на организирање на просторот во нив.

Тимот предводен од Гоце Наумов од Универзитет „Евро Балкан“ и Урсула Бугај од Полската академија на науките изврши геофизичко скенирање и 3Д-мапирање на неколку неолитски тумби во Пелагонија.

- Истражувањата дадоа засега единствени резултати за организацијата на населбите во овој период, со што се детектираше линеарниот и концентричниот распоред на куќите и овалното опкружување на населбата со ровови. Ова се засега први вакви сознанија за предисториските населби во Македонија и даваат сосем нов увид во тоа како бил организиран просторот во нивната внатрешност, изјави Наумов.

Тој додава дека во истражувањата на локалитетите се применети најнови дигитални техники што отвора нова страница во македонската археологија.

Резултатите од истражувањата ќе бидат публикувани во меѓународно археолошко списание, што ќе овозможи презентација на македонската предисторија меѓу светските археолози.