Македонските студенти се запознаа со туристичките потенцијали на Унгарија

 

Амбасадорот на Унгарија Јозеф Бенце денеска пред студентите од Универзитет за туризам и менаџмент во Скопје ги претстави туристичките и економски потенцијали на својата земја.

- Ова е одлична можност Унгарија да се претстави на Универзитетот и да покаже што се нуди во областа туризмот. Утре почнува Саемот за туризам во Скопје и таму ќе се претстави Државната организација за туризам на Унгарија. Отворени сме и заинтересирани за почнување соработка на овој македонски универзитет со некој од унгарските, кој е со слични профили, рече Бенце и додаде дека може да дојде до размена на студенти и испраќање студенти на пракса.

Деканот на Факултетот за туризам при Универзитетот за туризам и менаџмент Сашко Граматниковски информира дека идејата за повикување на амбасадорите кои се во Македонија произлегла од нивниот предмет Туристички дестинации.

- По предметот се изучуваат најважните туристички дестинации во светот. Кој друг ако не самите амбасадори најубаво ќе ја претстават својата земја зашто тие се компетентни, можат и умеат да го направат сето тоа и да им ја приближат својата земја на студентите, рече Граматниковски.  

- Би сакале да докажеме дека туризмот не се учи само од книги и дефиниции, туку низ вакви практични примери студентите можат многу да научат за одредена туристичка дестинација, рече Граматниковски. 

ФОТО:Алфа