Македонските аеродроми најдобри во регионот: Нови линии и услуга на светско ниво

Инвестицијата на турски ТАВ комплетно ја промени сликата за македонските авиопристаништа. Статистиката покажува дека откако компанијата го презеде активното управување со аеродромите, бројот на патници е значително зголемен, воведени се нови линии, квалитетот на услугата е на светско ниво, пишува Лидер.

Раст над очекувањата!

Статистиката на концесионерот покажува дека во првата половина од годинава низ „Алексадар Велики“ во Скопје и „Св. Апостол Павле“ во Охрид минале 634 илјади 198 патници, што претставува раст од 13,8 проценти во однос на истиот период лани. Но, ако се направи споредба со бројот на патници во периодот пред ТАВ да влезе во игра, се доаѓа до фрапантни податоци.

Во првата половина на 2009-та година, вкупниот број на патници изнесувал 270.249, двојно помалку во однос на остварувањето од првото полугодие во 2015-та.

На годишно ниво, растот е над 75% за двата аеродрома. Турскиот холдинг го презеде управувањето со аеродромите во 2010-та година. Оттогаш, бројот на патници на скопскиот аеродром е зголемен за 76,7%, или во апсолутни бројки, од 684.905 патници во 2010-та на 1.210.509 патници во 2014-та година.

-Ние сме постојано во трка за привлекување нови авиокомпании и зголемување на бројот на линии, бидејќи сакаме да ја постигнеме нашата долгорочна визија, а тоа е „Александар Велики“ да стане регионален центар во авиосообраќајот на Балканот, што ќе ги поврзува не само македонските, туку и патниците од целиот регион со Европа и со светот, вели Алпер Ерсој, заменик – генерален директор за операции на „ТАВ Македонија“.

Бројките се потврда за добрите политики во делот на авиосообраќајот, па оттука и не треба да изненадува што Светскиот економски форум ја рангираше Македонија како земја со најдобра аеродромска инфраструктура на просторот на поранешна Југославија.

-Аеродромската инфраструктура е дел од начинот како да се привлечат повеќе туристи. Факт е дека по изградбата на аеродромот во Скопје и реновирањето на аеродромот во Охрид, во Македонија има многу поголем број туристи. Ова е показател дека вложувањето во туристичката инфраструктура е неопходен услов за зголемување на бројот на туристи во земјава, а Владата помогна и со субвенционирањето на тур-операторите, со евтините билети, со изградба на нови туристички и културни капацитети, оценува вицепремиерот Ставрески.

„Александар Велики“ во топ 10

Скопскиот аеродром е во најдобрите 10 во источна Европа, покажува истражувањето на реномираната британска организација „Скајтрекс“. Биле анкетирани повеќе од 13 милиони луѓе, кои требало да се одлучат меѓу 550 аеродроми поделени во различни категории. Во предвид биле земени сите аспекти, од пристигнувањето, трансферите, шопинг искуството до прашањата поврзани со безбедноста.

 До каде најчесто патуваме?

Во првите шест месеци од годинава е регистриран раст од 6,4 проценти во делот на воздухопловните операции. Од јануари до јуни имало вкупно 6.739 полетувања и слетувања на двата аеродрома. Најфрекфентна дестинација е Истанбул со учество од 15,6% во вкупниот сообраќај, а потоа следуваат Цирих, Виена, Базел, Малме и Лондон.

Од вкупниот број патници, 56,6% биле превезени со нискотарифните авиокомпании, што е јасен показател дека евтините билети и субвенционираните летови значително ги зголемија можностите за патување со авион од земјава. Во понудата од Скопје влегоа и Барселона, Осло, Нирнберг, Хамбург и Фридрихсхафен, плус Лондон и Базел од Охрид.

-Со достапниците цени на авиобилетите создадовме можност да се посетуваат најатрактивните дестинации во Европа, можност граѓаните полесно да патуваат, вели министерот за транспорт, Владо Мисајловски.

 

 

Оцени ја веста

23.07.2015 - 09:51

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега