Сопругата доби „Сеат Леон“ а тој за два броја поголемо „Ауди“ - Заев стана лидер и го одврза ќесето

Откако Зоран Заев застана на чело на Социјалдемократскиот сојуз, по неколку основи се збогатил неговиот имотен лист, објавува весникот „Вечер" во денешниот број.

-Пред неговиот избор за лидер Заев возеше ауди 4, а непосредно по неговиот избор се поднови со ауди 6. Но, претседателот на СДСМ реши да го одврзе ќесето и не се штедеше, па со нов автомобил ја израдува и неговата сопруга Зорица, која претходно возеше фиат пунто. Но, откако маж и стана претседател на најголемата опозициска партија, се поднови со сеат леон, објавува Вечер.

Според информациите на „Вечер“, откако Заев стана лидер на СДСМ, тој, на име на неговите деца во Шпаркасе банка орочил депозити од 18.500 евра. Неговата сопруга, пишува Вечер, во истата банка орочила депозити во вредност од 2.500 евра, а во Штедилницата Пеон веќе имала заштедено 16.000 евра.

-За разлика од претседателот Заев, неговата десна рака, заменик-претседателот на СДСМ Радмила Шеќеринска на нејзино име има само еден стан од 50 м2, приходи од кирија од 250 евра, и "Циганката" на Никола Мартиновски, која до Антикорупциската комисија ја пријавила како наследен имот. Освен ова, Шеќеринска на нејзино име има неколку сметки и девизни платежни картички и една штедна книшка со помалку од 10. 000 евра. На име на нејзиниот сопруг Бобо Јанковски, Шеќеринска пријавила 4 станови во Скопје, кирија од издаден стан и 2 кредити. Според податоците на Антикорупциска, семејството на Шеќеринска не поседува ниту еден автомобил, објавува весникот Вечер во денешниот број.