Најмалиот пациент е петгодишно дете - намален бројот на новооткриени лица со хипертензија

Податоците од Националниот систем за електронски евиденции во здравството – МојТермин покажуваат дека  во првите шест месеци на 2015 година се евидентирани вкупно 46.775 пациенти со новопоставена дијагноза хипертензија што е за околу 2.000 пациенти помалку во споредба со претходните шест месеци.

- Станува збор за постепено намалување на бројот на новооткриени лица со покачен крвен притисок, што во одредена мера се должи на почитувањето на препораките за здрави животни стилови, односно редовно практикување физичка активност и здрава исхрана. За ваквите резултати придонесуваат континуираните кампањи за значењето и потребата од водење здрав начин на живот, консумирање здрава храна и редовна примена на физичка активност, информира Министерството за здравство.

Според препораките од специјалистите во оваа област, редовната физичка активност спречува појава на покачен крвен притисок, дијабет, срцеви коронарни заболувања, а воедно го зајакнува имунитетот, спречува појава на деформитети на телото и влијае на подобрување на целокупниот квалитет на живеење.

Исто така, стручните студии во оваа област покажуваат дека консумирањето здрава храна комбинирано со редовна физичка активност може да доведе до намалување на стапката на срцевите заболувања до 80 отсто, што е особено значајно имајќи предвид дека кардиоваскуларните заболувања се водечка причина за смртност во светски рамки.

Министерството за здравство посочува дека хипертензијата може да доведе до оштетување на крвните садови на срцето, а со тоа да се предизвика излив, инфаркт, артериосклероза, кои можат да предизвикаат и фатални последици.

- Хипертензијата мора редовно да се третира и да се користи пропишаната лекарска терапија, бидејќи доколку не се третира доведува до споменатите последици. Хипертензијата не избира возраст. Во последно време е застапена и кај помлади лица, а најмладиот пациент со ова заболување во Македонија е петгодишно дете. Токму затоа, редовната физичка активност и здравата исхрана се значаен фактор за борба против ова заболување. Исхраната има големо влијание, а особено негативно влијание има солената и мрсна храна, алхохол, кафе, додека позитивни ефекти имаат овошјето и зеленчукот. Докажано е дека дел од овошјето и зеленчукот, на пример магдонос, лук, лимон, имаат благопријатно дејство на регулирање на хипертензијата, наведува Министерството за здравство.

 

 

Оцени ја веста

18.07.2015 - 12:35

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега