Продолжува грижата за старите лица: Реализирани над 8.640 посети

Реализирани се 5.760 посети на стари лица од страна на медицински сестри, 2.880 посети од страна на волонтери, 804 медицински прегледи во Дневниот центар за стари лица и обезбедена е терапија за повеќе од 60 стари лица  во домашни услови на месечна основа. Ова се дел од активностите во рамки на проектот „Дневен центар за стари лица и центар за давање помош во домашни услови“ - грижа за стари лица на Црвениот крст на Град Скопје. 

Активностите вклучуваат и административно-правна и социјална поддршка за 928 лица, 12 различни активности на месечна основа во Дневниот центар, 20 стоматолошки прегледи, 720 очни прегледи, 33 пулмолошки прегледи, 12 кардиоваскуларни и 11 поделени ортопедски помагала.

Проектот е финансисран од компанијата ЕВН Македонија, Австрискиот Црвен крст и Град Скопје и преку него на месечна основа се посетуваат повеќе од 120 стари лица во домашни услови од страна на четири медицински сестри и 20 волонтери, а на повеќе од 300 лица им се даваат услуги и во Дневниот центар за стари лица.

Во посета на Дневниот центар за стари лица и центар за давање помош во домашни услови денеска беше генералниот директор на ЕВН Македонија од Австрија, Штефан Петер, кој истакна дека судбината на старите лица не треба да биде запоставена.

- Ние го препознаваме нивниот удел во општеството. ЕВН Македонија има 800.000 корисници меѓу кои има и стари лица. Сметаме дека треба да се помогне на овој социјален слој, додаде Петер. 

Генералниот секретар на Црвениот крст на Република Македонија, Саит Саити изјави дека целта на посетата е увид во работењето на Центарот. 

- Се работи за една успешна приказна во редовите на Црвениот крст на Република Македонија и за еден успешен пример односно препознавање на една иницијатива од наша страна, каде покажувајќи амбиции за реализација и остварување на политиките на општествена одговорност, ЕВН веќе трета година по ред ја финансира, рече Саити.

Црвениот крст на Република Македонија и ЕВН Македонија, истакна Саити, веќе пет-шест години успешно соработуваат, што е уште еден доказ дека добрите иницијативи корпоративниот сектор, во случајов ЕВН компанијата, апсолутно знае да ги препознае, да ги идентификува и да ги поддржи.

- Во врска со Дневниот центар за стари лица станува збор за активност во рамки на која старите лица секојдневно се присутни во Центарот, се организираат разни активности и резултатите се евидентни, додаде Саити.

 

 

Оцени ја веста

15.07.2015 - 11:24

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега