Папуљас не сакал ни кафе да пие со Иванов - „претседателското ракување стана средба?“

Неформален разговор за време на свечената вечера, а не официјална средба - Папуљас и Иванов направиле краток муабет, пишува Канал 5, повикувајќи се на извори од Кабинетот на грчкиот претседател Каролос Папуљас.

-За време на вечерата Иванов му пришол на Папуљас, размениле 2 збора, го поканил да пијат кафе, на што грчкиот претседател одговорил – ќе пиеме, но откако ќе се решат проблемите, информирале за Канал 5 извори од претседателската палата во Грција.

Според информациите на Канал 5, за официјална Атина не станало збор за официјална средба, па затоа не било пуштено никакво официјално соопштение. Средбата на Папуљас и Иванов всушност била неформален разговор за време на вечерата, пишува Канал 5.

Грчките медиуми денеска го пренесоа текстот на дописникот од Скопје на грчката новинска агенција АПЕ. Грчкиот весникот Етнос, ја пренесе веста за средбата меѓу двајцата претседатели под наслов „Ракувањето стана средба“.

-Папуљас одговори дека со задоволство ќе се сретнат, но откако ќе се реши прашањето за името. Показател за „добрите“ намери на скопската страна е дека официјалната новинска агенција од ФИРОМ го претстави ракувањето како средба, наведувајќи дека Папуљас ја прифатил поканата на неговиот скопски колега, пишува Етнос.

Канал 5 објавува дека, во едно од писмата испратени до македонскиот претседател Иванов, Папуљас потенцирал дека потребно е да се реши името за тој да прифати средба со својот македонски колега.

 

најчитано сега