Туристи се сликаат скопјани крадат - еве што предизвикале двајца криминалци во Охрид

 

19 годишниот скопјанец К.А.(19) си заработи кривична пријава поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста“.

Од МВР информираат дека против скопјанецот, како и против С.Г.(21) од Скопје е поднесена кривична пријава и поради сомнение дека заедно сториле пет тешки кражби и едно кривично  дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“.

Од страна на Истражен судија, на К.А. одредена му е мерка притвор во траење од 30 дена.

На 30-ти минатиот месец, при претрес на соби изнајмени од пријавените, К.А.  со повеќе удари по главата и телото физички  нападнал полициски службеник кој реализирал задачи од областа на безбедноста. Настанот се случил околу 18 часот на улицата „Славеј планина“ во Охрид, во изнајмени простории  каде полициските службеници  вршеле претрес со цел пронаоѓање предмети што потекнуваат од кривични дела. Откако го нападнал полицискиот службеник нанесувајќи му телесни повреди, К.А.  почнал да бега но набрзо е пронајден во подрум од зграда на булеварот „Туристичка“. 

Претходно,  двајцата пријавени насилно отвориле апартман на Кеј „Маршал Тито“ и противправно одзеле 70 евра, три мобилни телефони, сребрен и златен накит и со подесен алат насилно отстраниле метална решетка од месара на улица „Јане Сандански“. На 29-ти минатиот месец околу 13 часот, пријавените искористиле невнимание на турист и од негов несесер оставен на плажа одзеле 3.000 денари, два мобилни телефони и еден дигитален фото-апарат.  Од истата плажа успеале да одземат една женска чанта  во која имало два мобилни телефони и помала сума пари. Истиот ден, тие го искористиле невниманието на двајца туристи кои се сликале на кеј „Маршал Тито“ и одзеле паричник со 400 евра и еден мобилен телефон.

Со извршените  дела, двајцата пријавени се стекнале со вкупна противправна имотна корист од 131.000 денари. Инаку, при претресот во изнајмената соба, пронајдени се целофанско паковање со непозната прашкаста материја, штрафцигер и друг подесен алат и нараквици, кои се одземени и предадени на вештачење.

најчитано сега