Македонски тренери и градежни работници ќе се обучуваат со европски пари

Од ноември годинава и Македонија ќе може да конкурира за средства од Европската унија за обука на тренери и градежни работници за енергетска ефикасност на зградите. 

Обуките за градежните работници ќе траат три недели од кои две недели теоретска настава и една недела практична, а во зависност од занимањето процентот на практичната настава може да биде и поголем. По завршената обука ќе аплицираат за добивање на верифаикација  на нивната квалификација или  добивање на звање мајстор. Ќе се обучат најмалку 4.600 работници до 2016 година, а до 2020 година вкупно 9.800 работници ќе се стекнат со квалификации за енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија. 

- Во рамки на проектот „Build up skills“ се донесе документ со кој Македонија стекнува право да конкурира до Програмата за интелегентна енергија на Европската унија за средства за обука на лица кои ќе обучуваат градежни работници за енергетска ефикасност, како и средства за програми за обука на градежните работници кои се директно инволвирани во градбата на објектите. На овој начин се стекна условот да се аплицира во ноември годинава  за повлекување на средствата кои се доделуваат од Европската агенција за конкурентност и иновативност, изјави Ристо Иванов, проектниот координатор на „Build up skills“ проектот во Македонија.

Обуката на еден работник, прецизира Иванов, ќе чини одколу 300 евра во кои фирмата ќе учествува со 10 отсто, а останатите ќе бидат средства од ЕУ од Проектот. 

Директорот на Агенцијата за енергетика Лазар Гечевски очекува да има намалување на цената на чинење на градежните објекти кои ќе се градат со подобрена енергетска ефикасност.

- Анализите направени од нашите експерти покажуваат дека цената на чинење на градежните објекти со подобрена енергетска ефикасност ќе биде иста или намалена без разлика дали станува збор за куќа, стан или некаков јавен објект. Подобрената енергетска ефикасност на објектот, пак, ќе значи намалување на потрошувачката на електрична енергија од 20 до 25 отсто, а со користење на електрични производи со подобрена енергетска класа ќе може да достигне и до 40 проценти, рече Гечевски.

Инаку, за обука на тренерите можат да се повлечат 250.000 евра, а за обука на градежните работници околу два милиони евра. 

ФОТО: Фактор

најчитано сега