„За се има првпат: Изненадна средба на Папуљас со претседателот на Скопје“

 Грчките медиуми ја пренесуваат веста за првата средба меѓу македонскиот и грчкиот претседател Ѓорѓе Иванов и Каролос Папуљас во Загреб.

Средбата која се одржа за време прославата на влезот на Хрватска во ЕУ, е првата воопшто одржана средба меѓу македонски и грчки претседател.

Под наслов „Лице в лице во Загреб: изненадна средба на Папуљас со претседателот на Скопје“, „Прото тема“ ја пренесува изјавата на Иванов дека Папуљас ветил оти ќе има и друга можност за разговор.

Телевизијата „Стар“ својот извештај го наслови „За се има првпат: изненадна средба на Папуљас со претседателот на Скопје“ и во него ги пренесува информациите на МИА во врска со состанокот во Загреб.

- На моја иницијатива првпат се сретнавме со грчкиот претседател и разговаравме за нашите две општества, за нашите граѓани, и како можеме ние како претседатели да придонесеме да има една поголема соработка меѓу двете општества, бидејќи треба да ги следиме добрите односи, добрите трендови кои почнаа да се случуваат меѓу граѓаните на нашите две земји, ја пренесува „Стар“ изјавата на претседателот Иванов.

„Се случи ракување“ нагласува „Етнос“ во текстот за средбата на двајцата претседатели и ги објавува истите информации без коментар.

Од кабинетот на Папуљас, засега нема никакви информации. 

најчитано сега