Вратен на функција главниот египетски обвинител Махмуд

 

 

Египетското правосудство денеска го нареди враќањето на должноста на главниот обвинител Абдел Мегид махмуд, кој беше сменет од претседателот Мохамед Морси, пренесоа светските агенции.

На овој начин правосудството му нанесе удар на исламистичкиот шеф на државата во екот на протестите против него.

Одлуката беше донесена од Апелацискиот суд на Египет и според него Абдел Мегид Махмуд се враќа на функцијата главен обвинител. Судот посочува дела одлуката за враќањето на највисокиот обвинител во земјата е конечна.

Махмуд беше назначен на функцијата во времето на Хосни Мубарак. Тој беше обвинет од египетската армија, која стоеше во основа зад соборувањето од власта на Мубарак во 2011 година, дека заради него обвинителството не можело да собере доволно докази против поранешните претставници на режимот.

Главниот обвинител беше сменет во ноември со претседателски указ. На негово место беше назначен Талаат Абдала. Се смета, меѓутоа, дека тој е благо настроен кон движењето „Муслиманско братство“.

најчитано сега