Денеска прво рочиште Груевски против Петковски

Македонскиот премиер Никола Груевски го тужи претседателот на НСДП, Тито Петковски за клевета во текст кој во октомври минатата година бил објавен во „Фокус“. Првото рочиште за случајот Груевски - Петковски е закажано за денеска.

Доколку судот го прогласи за виновен, Петковски ќе треба да плати до 15 илјади евра отштета поради нарушување на имиџот на премиерот Груевски. Претседателот на НСДП лани за „Фокус“ изјавил дека Груевски со официјално писмо до генералниот секретар на Обединетите Нации во 2008 година предложил новото име да биде Република Македонија - Скопје. Оваа изјава на Петковски, во тужбата се оценува како измислена и штетна по честа и угледот на премиерот. 

-Мојот предлог Груевски јавно да соопшти, односно да го повтори својот став од 2008 година, Груевски го доживеа како штетно по неговиот углед и чест! Особено што… “тужителот секогаш изјавува дека нема да прифати ниту едно решение за проблемот на името без спроведување на референдум“. Повредата на честа и угледот цитирам „кај тужителот предизвика јака душевна болка“, која може да се излекува само со 950.000 денари или со 15.000 евра. Се разбира за таквата душевна болка нема наод на вешто лице – психијатар, вели Петковски.

 ВМРО-ДПМНЕ излезе со реакција на изјавата на претседателот на НСДП, во која му порачуваат да биде подготвен да сноси одговорност за јавно искажаните тврдења.
 
-Изјавите на Тито Петковски ниту се пишувани од ВМРО-ДПМНЕ ниту му се сугерирани од ВМРО-ДПМНЕ, туку претпоставуваме дека се лично тврдење или став на господинот Петковски. Ако тој е сигурен во своите изјави и тврдења и ако не ја лажел јавноста, нема зошто да се плаши од можноста да ги докаже истите во предвидена законска постапка. Неговата денешна реакција ја разбираме само како одраз на свеста на Петковски дека неговите ставови не се ниту вистина, не се ниту прифатени од мнозинството на граѓани на Република Македонија, тој е свесен за тоа. Впрочем, тој е единствениот пратеник во македонското Собрание што на седница на Собранието побарал промена на државното име на Република Македонија, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.

најчитано сега