Груевски: Кинеските инвестиции се добредојдени во Македонија

Пред почетокот на официјалната посета на НР Кина, премиерот Никола Груевски даде интервју за најголемата и најгледана кинеска телевизија CCTV која емитува вести на сите континенти и има повеќе од 70 меѓународни претставништва. Кинеската телевизија поседува вкупно 22 канали и е водечки медиуми на азискиот континент.

Премиерот Груевски, во интервјуто зборува на теми од билатералните односи меѓу Република Македонија и Народна Република Кина во повеќе сфери од заемен интерес поврзани со развојот на политичките и економските односи, можностите за остварување динамична економска соработка, зголемување на трговската размена и соработката на полето на инвестициите. Тој зборува и за актуелните политички и економски прашања поврзани со Македонија и регионот.

Посебен акцент е ставен на темата економија, на реформите и поволностите за инвестирање кои Македонија ги нуди на глобалните компании, вклучително и кинеските, кои се дел од една од најбрзорастечките економии во светот која продуцираше огромен раст на бруто националниот производ на Кина.

Груевски истакна дека серијата мерки и поволности што им се нудат на инвеститорите, ниските даноци и трошоци за правење бизнис, како и скратените и олеснети административни процедури, вклучувајќи ги поволностите за инвестирање во технолошко индустриските развојни зони достапни за странските компании.

- Многу кинески компании бараат локации да инвестираат во Европа, некои ги поканивме да дојдат во Македонија за да го видат, да го проверат сето она што јас го зборувам. Секогаш кога премиерот и Владата зборуваат за нешто, кај потенцијалните инвеститори постои резерва дали е тоа точно или не и токму затоа ги поканувам да дојдат во Македонија, да ја посетат за да зборуваат со сите странски компании кои веќе инвестирале кај нас или пак да се консултираат со некои странски финансиски институции како ММФ, Светската банка или Прајс вотерхаус куперс кои ја рангираат Македонија на доста висока позиција за многу важни сегменти од економијата и други институции што ги следат земјите според нивните перформанси во подобрувањето на економијата и на бизнис климата, истакнува Груевски во интервјуто.

Тој ги повикува кинеските компании да инвестираат во Македонија, посочувајќи дека нивните инвестиции се добредојдени во нашата држава која може да ја искористат како поволна позиција и порта за инвестиции, производство и продажба на производи на европскиот пазар. Во тој контекст, ја истакнува и поволната отворена опција за можност за креирање специјализирана технолошко-индустриска развојна зона наменета само за кинески компании кои се заинтересирани да инвестираат во нашата земја и оттука да го покриваат европскиот пазар.

- Пред 1,5 година и понудивме на кинеската Vлада да се отвори слободна економска зона во Македонија само за кинеските компании каде што тие ќе можат да ги користат сите поволности што ги нуди државата. Кинеските компании се соочуваат со многу потешкотии кога сакаат да ги пласираат своите производи во Европа, но затоа Македонија нуди можност за слободна трговија, многу од нив можат да ја искористат оваа поволност доколку отворат свои претставништва во Македонија и да ги искористат сите потнецијали што ги нудиме. Ако Кина смета дека тие се погодни за компаниите, ние сме подготвени за соработка, напомена премиерот. 

Премиерот Груевски во интервјуто зборува и за предизвиците на глобалната економија и механизимите и начините за справување со влијанијата од регионалните негативни економски текови, при што информираше и за економските реформи кои се преземаат од страна на Република Македонија во насока на овозможување на услови за економски раст и развој.

Според Кабинетот на премиерот, посетата на македонскиот владин тим наидува на голем медиумски интерес во Пекинг. Досега, освен Груевски, интервју за CCTV дале повеќе светски политички лидери, сопственици на глобални компании и економски експерти меѓу кои и претседателот на Франција Франсоа Оланд, бразилската претседателка Дилма Русоф, претседателот на Казахстан Нурсутан Назарбаев, поранешниот премиер на Велика Британија Тони Блер, претседателката на ММФ Кристин Лагарт, поранешниот германски канцелар Герхард Шредер, основачот на Мајкрософт Бил Гејтс и многу други од областа на политиката, бизнисот и општеството.

Интервјуто го водеше новинарот Руи Ченганг, еден од водечките новинари на CCTV.

најчитано сега