Охрид ја одбележа 108 годишнината од смртта на Христо Узунов

Делегација на општина Охрид предводена од градоначалникот Никола Бакрачески денеска положи цвеќе пред бистата на охридскиот револуционер Христо Узунов по повод 108-годишнината од неговата херојска смрт.

Почит на големиот револуционер му оддадоа и претставници на училишта, институции, здружението на граѓани „Богојавление“ и други асоцијации. Цвеќе во знак на спомен на делото на Узунов делегација на општина Охрид ќе положи и на местото каде Узунов загина во борба против турската војска во кичевското село Цер.

- Последен пат збогум сестро, кажи им на другарите дека славно ќе умрам, смртта е последна кога нема слобода. Нека бидат уверени дека делото ќе победи. Македонија ќе роди нови борци, ние ќе живееме во спомените ваши. Кажете им дека сме предадени, рекол Узунов. Христо Узунов е еден од плејадата големи македонски револуционери, учител и војвода, роднина на Григор Прличев. Роден е во Охрид, на 22 февруари 1878 година.

најчитано сега