САД ги прислушувале и канцелариите на ЕУ?
САД ги прислушувале канцелариите на ЕУ и влегувале во интерните компјутерски мрежи, тврди германскиот весник „Шпигел“, повикувајќи се на таен документ.
„Шпигел“ го цитира извештајот на американската Национална агенција за безбедност од септември 2010 година, под ознака „строго доверливо“, до кој дошол Едвард Сноуден.
Во документот се опишува како американската служба ги озвучила просториите на ЕУ во Вашингтон, како и во ОН, и не само што слушале живи и телефонски разговори, туку имале и пристап до документите и електронската пошта. Исто така, на листата на прислушувани објекти е и седиштето на Европскиот совет во Брисел, наведува весникот.
Шулц остро и итно реагираше на оваа приказна, нагласувајќи во своето соопштение дека е „шокиран и сериозно загрижен“ поради извештајот.
- Ако се точни наводите, тогаш тоа е исклучително сериозно прашање, кое ќе има многу сериозни последици врз односите меѓу САД и ЕУ. Во име на Европскиот парламент барам целосно разјаснување и истрага за овие информации, нагласува Шулц.