Семејството и пријателите се простија од Џумерко: „Летни Силјане“
Семејството, Прилеп и колегите од македонските театри денеска се простија од доајенот на македонското глумиште Благоја Спиркоски Џумерко. Напладне, на градските гробишта беа погребани посмртните останки на бардот на македонскиот театар.
На комеморативната седница во прилепскиот народен театар, актерот Андон Јованоски рече дека Џумерко беше синоним за актерска игра.
- Бравурозен во играта, секогаш подготвен за трансформација на сцената, ќе остане запаметен по улогата на Итар Пејо. Кога ја доби наградата „3 Ноември“ на градот Прилеп, рече дека сите улоги му се драги, но најмногу трага во него оставила улогата на Силјан штркот. Овој лик му ја прочепка душата, затоа, летни Силјане, рече Јованоски.
Театрологот Јелена Лужина потсети дека Џумерко на сцената оствари 111 улоги, од кои 105 одиграни на сцената на прилепскиот театар која е митска и има важно место во историјата на македоноскиот театар зашто, во Прилеп во 1943 година режирал и самиот Војдан Чернодрински, а зад кулистите растел писателот Горан Стефановски.
- Како 20 годишен актер, Благоја Спиркоски Џумерко почна во прилепскиот театар во 1966 година. Имаше ретка привилегија да старее со своите улоги и да стане легендарна сценска фигура. Замина таму каде е Итар Пејо, во легендата. Благоја Спиркоски Џумерко е најлегитимен наследник на традиционалната македонска глума, на она што 1000 години на овие простори го градат Скомрахите, чиј најстакнат претставник беше Петре Прличко, а Џумерко последниот претставник на Скомрахите, рече Лужина.
Не случајно, додаде, Џумерко во 2006 година ја доби првата награда именувана по Петре Прличко која се доделува во Велес. - Нема полегитимен носител на таа награда од Благоја Спиркоски Џумерко, истакна Лужина.
Телеграми со сочувство до семејството Спиркоски и до колективот на прилепскиот театар испратија министерката за култура Елизабета Канческа-Милеска, ансамблите на МНТ, Драмски театар, Театар комедија велешкиот театар и другите македонски театри.
Министерката Канческа-Милеска во телеграмата нагласува дека животното дело на Џумерко остави длабока трага во македонската театарска уметност. - Неговото име и животното дело засекогаш ќе бидат запишани во културната историја на Република Македонија, стои во телеграмата од Канческа Милеска.
Оцени ја веста
12.06.2015 - 21:43
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа