Македонија домаќин на Еврппскиот Супер Куп во 2017

Националната арена „Филип Втори Македонски“ и Скопје ќе бидат домаќини на европскиот Супер Куп во 2017 година, објави Екипа, повикувајќи се на извори на УЕФА!

Според информациите на ЕКИПА одлуката за доделување домаќинство на Македонија на натпреварот меѓу победникот во Лигата на шампионите и оној во Лигата на Европа во 2017 година е веќе во голема мера донесена во круговите на европската куќа на фудбалот, а истата се очекува да биде официјално потврдена од страна на Извршниот комитет на УЕФА на состанокот на 29. јуни.

„По разгледувањето на деталните извештаи од страна на интерните комисии задолжени за изборот останува само одлуката да биде потврдена од Извршниот комитет на УЕФА. Огромно е расположението во европските фудбалски кругови Скопје да биде организатор на овој настан во 2017 година, но сепак треба да се почека до конечната потврда“ – изјавиле извори од УЕФА.

Доделувањето на организација на еден ваков настан од највисок вид во фудбалска Европа, без сомнение ќе биде огромно признание и за фудбалот во нашава земја, но и запишување историја и за спортот во Македонија од неговата независност.Со доделувањето на организација на Супер купот, желбата на УЕФА е, меѓу другото, и да се даде признание и за претходната наша апликација за домаќинство на ЕП 2020 која остана неуспешна, но со симпатии беше дочекана во фудбалските кругови на Стариот континент.

Позитивна оценка за можноста националната арена „Филип Втори“ да биде домаќин на Супер Купот во 2017 година, искажа и висок претставник на УЕФА одговорен на одделот за соработка со националните сојузи, Теодор Теодоридис кој на оваа тема во јануари ја посети Фудбалската федерација на Македонија.

Јасно е и дека, доколку Скопје ја добие организацијата, ќе мора да бидат извршени до август 2017 и сериозни реконструкции на „Филип Втори“, заокружување на комплетната фасада, изградба на влезови за Источната и Западната трибина, дотерување на официјалните простории и подтрибинскиот простор и зголемување на паркинг капацитетите. Позитивни оценки има за хотелските капацитети и можноста да се прими сериозна бројка на навивачи од странство.

 

 

Оцени ја веста

08.06.2015 - 10:39

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега