„Наш специјалист“ од денеска во Вевчани

Проектот „Наш специјалист“ од денеска се воведува во Здравствениот дом Вевчани со специјалист – психијатар и специјалист по физикална медицина, кои секоја сабота ќе вршат амбулантски прегледи во овој здравствен дом.

Како што информираат од Министерството за здравство, проект успешно функционира во вкупно 14 здравствени домови, и тоа во: Берово, Валандово, Крива Паланка, Виница, Неготино, Свети Николе, Радовиш, Делчево, Ресен, Кратово, Демир Хисар, Пробиштип, Ростуше и Македонски Брод.

Според податоците од системот МојТермин досега биле извршени вкупно 1.500 специјалистички прегледи. Со проектот се опфатени осум различни медицински области, меѓу кои: ортопедија, неврологија, оториноларингологија, психијатрија, невропсихијатрија, интерна медицина, урологија, општа хирургија, а со воведувањето на проектот во Здравствен дом Вевчани, опфатот на специјалности се проширува со физикална медицина како нова специјалност.

- На овој начин, Министерството за здравство овозможи проектот да функционира во сите градови низ државата каде има само здравствени домови со доктори од одредена специјалност и поради тоа за некои специјалистички прегледи пациентите досега биле упатувани во други градови, се вели во соопштението на министерството.

Проектот „Наш специјалист“ е воведен во рамки на последните измени на Законот за здравствена заштита, со кои се овозможува Министерството со патен налог да упатува доктор-специјалист од една во друга јавна здравствена установа. 

 

 

Оцени ја веста

06.06.2015 - 10:08

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега