Истражување на Министерството за здравство: Еве каде се најзадоволни пациентите
Министерството за здравство во изминатиот месец спроведе обемно истражување врз 6.300 испитаници, во рамки на 21 универзитетска клиника, 15 болници во повеќе градови низ државата и 32 здравствени домови во цела држава.
Пациентите биле испитани за задоволството од здравствените услуги, медицинската нега, условите во установата, односот на лекарите и медицинскиот персонал, стручноста, љубезноста, хигиената.
-Во одредени Јавни здравствени установи пациентите се комплетно задоволни од повеќе различни аспекти на функционирање. Станува збор за ЈЗУ во Крушево, Кичево, Македонски Брод, и општата болница во Кичево. Сите пациенти се целосно задоволни од достапноста, стручноста, љубезноста на лекарите и на медицинскиот персонал. Тоа е индикатор дека пациентите се генерално задоволни од односот на целокупниот кадар во установите, а воедно покажува прилично високо ниво на хоспитална култура., истакна министерот за здравство, Никола Тодоров.
Установите во кои пациентите се најнезадоволни се разликуваат по однос на стручноста на лекарите и персоналот, достапноста на лекарите, како и љубезноста на лекарите и персоналот.
-Од стручноста на лекарите најмалку се задоволни пациентите во Здравствен дом Виница (45%).Oд стручноста на персоналот најмалку се задоволни во Здравствен дом Берово (45%). Од достапноста на лекарите, најмалку се задоволни пациентите од Здравствен дом Охрид (40% незадоволни), а во истата установа се најмалку задоволни и од достапноста на персоналот (40%). Од љубезноста на лекарите најмалку се задоволни пациентите во ЗД Струга (60%). Од љубезноста на персоналот најмалку се задоволни пациентите во ЗД Пробиштип (40%), објави Тодоров.
Во однос на аспектот на хигиената во Јавните здравствени установи, како што истакна министерот во повеќе здравствени домови сите пациенти се целосно задоволни од хигиената. Станува збор за Здравствените домови во Пехчево, Ростуше, Гостивар, Кавадарци, Македонски Брод, Крушево, Кичево, Неготино и Кратово. Од друга страна, најмалку задоволни од хигиената се испитаните пациенти во Здравствен дом Кочани, односно 73,3% од испитаните пациенти одговориле дека се незадоволни.
-Во истражувањето е опфатена и хигиената на болничките соби како параметар, и во овој дел сакам да истакнам дека во вкупно 10 универзитетски клиники, сите пациенти се целосно задоволни од хигиената во болничките соби. Станува збор за следните клиники: Клиника за инфективни болести, Клиника за радиотерапија и онкологија, Клиника за токсикологија, Клиника за торакално-васкуларна хирургија, Клиника за хематологија, Клиника за гинекологија и акушерство, Клиника за ендокринологија, Клиника за пулмологија, Клиника за оториноларингологија Клиника за дерматовенерологија, рече Тодоров и додаде дека најмалку задоволни од хигиената во болничките соби се пациентите на Клиниката ТОАРУ, каде вкупно 60% одговориле дека се незадоволни.
Во однос на болничката храна, пациентите одговориле дека се целосно задоволни од болничката храна во Клиниката за онкологија, Општа болница Охрид, Општа болница Струга и Општа болница Кичево.Највисоко незадоволство од болничката храна е утврдено во општа болница Струмица.
Значаен сегмент од задоволството на пациентите е поврзан со чекањето на шалтер и генерално односот на шалтерските работници.Овој дел од посетата на здравствената установа понекогаш сериозно влијае на целокупната перцепција на пациентот за здравствените услуги во установата.
- Според параметарот услови за комфор во чекална,сите пациенти се целосно задоволни во следните установи. Во Здравствените Домови во Ростуше, Македонски Брод, Кратово, Пехчево, Пробиштип,Кичево и во Клиниката за неврологија.Во болниците процентот на задоволство е малку понизок и изнесува 94.3% задоволни пациенти од условите и комфорот во чекална во општа болница Кичево. Од друга страна, најмалку задоволни се пациентите во Клиничка болница Штип, Клиника за токсикологија и во Здравствен дом Штип, рече Тодоров.
Во однос на параметарот шалтерски работници, најзадоволни се пациентите во Општа болница Кичево, Клиниката за дерматовенерологија, Општа болница Гевгелија и во Општа болница Куманово.
Кај здравствените домови пациентите одговориле дека се целосно задоволни од односот на шалтерските работници во Виница, Кратово,Неготино, Кичево, Пехчево, Пробиштип, Македонски Брод, Кавадарци, и во Ростуше.
Од односот на шалтерските работници најмалку задоволни се пациентите во Клиничка Болница Штип, Здравствен Дом Свети Николе и во Клиника за токсикологија.
Едни од најважните показатели на задоволството на пациентите се параметрите квалитет на болничка нега пружена од докторите и квалитетот на болничка нега пружена од персоналот.
-Овде се бележат одлични резултати, имајќи предвид дека во вкупно 15 клиники и 5 болници, сите пациенти се целосно задоволни од квалитетот на болничка нега, и тоа во следните установи: Клиника за онкологија, Клиника за инфективни болести, Клиника за гастроентерохепатологија, Клиника за торако-васкуларна хирургија, Клиника за урологија, Клиника за хематологија, Клиника за гинекологија и акушерство, Клиника за ендокринологија, Клиника за радиологија, Клиника ТОАРУ, Клиника за пулмологија, Клиника за оториноларингологија, Клиника за дерматовенерологија, Клиника за дигестивна хирургија, Клиника за очни болести, општата болница во Кичево, Гевгелија, Струга, Кавадарци и Велес, подвлече Тодоров.
Најмногу незадоволни пациенти од квалитетот на болничка нега од лекари има во Клиничка Болница Битола и во Клиника за токсикологија. Од квалитетот на болничка нега пружена од персоналот, најмногу незадоволни пациенти има во Општа Болница Кочани и во Клиника за гастроентерохепатологија.
-Генерално, високото ниво на задоволство кај пациентите е одраз на заедничките заложби на менаџментот на јавните здравствени установи и целиот здравствен сектор за постојано унапредување на квалитетот на здравствените услуги на сите нивоа на здравствена заштита, додека кај помалиот број јавни здравствени установи кај кои е релативно повисоко нивото на незадоволство по некои параметри од истражувањето, добиените резултати се показател за областите во кои менаџментот на јавните здравствени установи треба да се фокусира во претстојниот период со цел подобрување на целокупното задоволство на пациентите, истакна министерот.
Токму затоа, секој директор на установа каде е утврдено повисоко ниво на незадоволство кај пациентите, ќе добие укажување со конкретни цели, таргети (benchmarks),кои треба да ги исполни до следното истражување на задоволството на пациентите.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа