Вучиќ разговарал со Сузан Рајс и за кризата во Македонија

Српскиот премиер Александар Вучиќ ја завршува денеска посетата на САД за време на која во низа средби разговараше со американски официјални лица и претставници на бизнис групи, за билатералните односи, економска соработка и поддршка на Вашингтон за европскиот пат на Србија. И политичката ситуација во Македонија било едно од прашањата за кои Вучиќ разговарал со советникот на американскиот претседател за национална безбедност Сузан Рајс. На средбата, како што пренесе Македонската Телевизија, Вучиќ рекол дека Србија не сака да се меша во внатрешните работи на Македонија и дека е горд што Србија на никаков начин не влијаелё на кризата.

„Многу кратко разговаравме. Јас кажав дека сум многу задоволен и горд на фактот дека Србија на никаков начин не влијаеше за создавање или продлабочување на кризата во Македонија. Ја сметаме Македонија за наш пријателски сосед и секогаш ќе имаме таков однос. На никој начин не сакаме да се мешаме во внатрешните работи на Македонија. Јас мислам дека тоа е еден фер, коректен и многу чесен пристап. Имавме таков во Белград и овде исто во Вашингтон", изјави Вучиќ по средбата со Сузан Рајс.

Вучиќ требаше да има средба со американскиот потпретседател Џо Бајден, но поради смртта на неговиот син, тој беше примен од советникот за национална безбедност Рајс. Во исто време, поради повредата на државниот секретар Џон Кери кој ја скрши ногата при возење велосипед во Швајцарија, Вучиќ беше примен од неговиот заменик Ентони Блинкен. Освен за политичката ситуација во Србија и на Балканот, српскиот премиер на средбите во Белата куќа и во Стејт Департментот зборувал и за евроинтеграцијата, економијата и безбедноста во регионот. Рајс се интересирала и за влијанието на Русија на Балканот преку снабдувањето со гас. Вучиќ, по состанокот со советничката за национална безбедност, порача дека Србија може да смета на поддршка од САД.

На Капитол Хил, српскиот премиер имаше средба и со претседавачот со Сенатскиот одбор за оружените сили, сенаторот Џон Мекејн. Во Вашингтон, Вучиќ треба да се сретне и со помошникот државен секретар Викторија Нуланд, како и со европскиот комесар за проширување Јоханес Хан, кој е во посета на САД.

 

 

Оцени ја веста

04.06.2015 - 10:52

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега