Македонска делегација на сесија на Парламентарното собрание на ОБСЕ

 Шефот на Делегацијата на Собранието на Република Македонија во Парламентарното собрание на ОБСЕ Ана Павловска Данева и заменик-членот Џеват Адеми ќе бидат дел од 22. Годишна сесија на Парламентарното собрание на ОБСЕ (ПС на ОБСЕ), кој се одржува од денеска до 3 јули во Истанбул, Република Турција.

На сесијата, чија главна тема за дискусија е: „Хелсинки + 40“ се очекува учество на околу 300 пратеници од 55 парламенти членки на ПС на ОБСЕ, информираат од собраниската прес-служба. Во рамките на годишната сесија ќе се одржат седници на трите комисии на ПС на ОБСЕ: Комисијата за политички прашања и безбедност, Комисијата за економски прашања, наука, технологија и човекова околина и Комисијата за демократија, човекови права и хуманитарни прашања, седница на Постојаниот комитет на ПС на ОБСЕ и пленарна седница.

Се очекува на годишната сесија да се обратат високи претставници на Република Турција, како и Леонид Кожара, министер за надворешни работи на Украина и претседавач со ОБСЕ и Ламберто Заниер, генерален секретар на ОБСЕ.

Членовите на ПС на ОБСЕ ќе дебатираат за прашања во врска со заштитата на основните слободи, негативните последици од економските мерки за штедење, политичките затвореници во регионот на ОБСЕ, граничните вредности на гасовите кои предизвикуваат ефект на стаклена градина и сл. Се очекува и усвојување на предложените резолуции по 29 дополнителни точки, на теми како што се: зголемувањето на довербата, транспарентноста и отчетноста во институциите на ОБСЕ, зацврстување на граѓанскиот сектор, слободата на медиумите, улогата на образованието во борбата против расизмот, ксенофобијата и другите форми на дискриминација и нетолеранција, промовирањето на енергетска заштеда и ефикасност, хуманитарната криза во Сирија, почитувањето на човековите права, особено во Белорусија и Русија, состојбата во Казахстан и на Блискиот Исток, родовите аспекти на трудовата миграција и др.

ПС на ОБСЕ го сочинуваат 323 парламентарци од 57 земји од Европа, Централна Азија и Северна Америка. Собранието обезбедува форум за парламентарна дипломатија, набљудување на избори и зацврстување на меѓународната соработка за исполнување на заложбите во врска со политичките, безбедносните, економските прашања, прашањата за човековите права и животната средина.

најчитано сега