Орав: Последните недели видовме неколку позитивни нешта во Македонија

Европската Комисија веќе шест пати даде препорака да се почнат преговорите со вашата земја, за жал, тоа не беше возможно бидејќи немаше консензус меѓу земјите членки. Во последните неколку месеци се обидуваме да најдеме позитивни нешта, бидејќи веќе го пишуваме извештајот за напредокот. Крајниот рок е 31 август и потоа извештајот е затворен. Во последните недели видовме неколку позитивни нешта.

Ова го нагласи шефот на Делегацијата на ЕУ Аиво Орав, кој заедно со вицепремиерот за европски прашања Фатмир Бесими денеска се обратија на прва пилот-дебата на тема „Европската унија треба да се прошири за да ги вклучи земјите од Западен Балкан“, во рамки на дебатниот натпреварувачки циклус насловен ЕУ Ѕвезди, во организација на Секретаријатот за европски прашања.

- Ако нема ништо позитивно, не можеме вештачки да создадеме нешто. Во последните недели видовме неколку позитивни нешта. Како прво, претседателот го свика Советот за безбедност на кој сите политички партии беа застапени. Второ, протестите во текот на викендот беа мирни. Имаше доста ризици дека нема да бидат мирни, но беа мирни. Ви честитам. Лидерите почнаа да разговараат едни со други. Ова е безмалку чудо, не се случило во земјава со години. А денес има многу важен состанок во Стразбур меѓу премиерот и лидерот на опозицијата и искрено се надевам дека нешто позитивно ќе произлезе од тоа, нагласи амбасадорот Орав.

Тој посочи дека неколку години наназад се обидуваат да го свртат вниманието и на луѓето тука и во Европа во однос на, како што рече, владеење на правото, селективна правда, борба против корупцијата, медиумски слободи. - Тоа се сериозни проблеми, а тоа се и европски вредности, истакна во обраќањето Орав, додавајќи оти Македонија е кандидат и тие сакаат, подвлече, „да бидеме совршено подготвени за членство кога тој ден ќе дојде“. 

Посакувајќи им успешна дебата на студентите, тој им посочи дека ќе биде добро за нив професионално да ги разберат позициите на другите и со тоа, истакна, да станат потолерантни. - Ако сме потолерантни, стануваме и подемократски. А ако сме подемократски, има помалку опасности од конфликт, оцени евроамбасадорот Орав. Нагласи дека со одбележувањето на Денот на Европа низ светот е важно да се потсети дека тој беше воведен во интерес на мирот. 

Во однос на проширувањето на ЕУ и изјавата на претседателот на Европската Комисија Жан Клод Јункер дека нема да има проширување во следните пет години, Орав им порача на студентите да се обидат да бидат подготвени за членство по пет години. - Еден ден ќе сфатите дека апсолутно нема време за губење и дефинитивно мора да се почне уште во овој миг, за да бидете подготвени за членство во Европската унија, рече Орав.

За вицепермиерот Бесими оние што дебатираат мора да бидат добро информирани, толерантни и свесни дека бранат една позиција, која не секогаш е и нивното лично мислење.

Тој потсети дека вредностите на земјите-членки на ЕУ се почитување на човечкото достоинство, слободата, демократијата, еднаквоста, владеењето на правото и почитувањето на човековите права.

- Овие вредности ги споделуваат земјите членки на ЕУ, како и плурализамот, недискриминациајта, правдата, солидарноста и еднаквоста. Секоја европска земја која сака да стане членка на ЕУ мора да ги почитува овие вредности. Доколку земја-членка не ги почитува овие вредности, може да и бидат суспендирани правата кои ги стекнала со своето членство, рече Бесими.

Инаку, денеска студентите од УКИМ и од Универзитетот на ЈИЕ, како два тима, дебатираа со аргументи „за“ и „против“ потребата од проширувањето ЕУ со земјите од Западниот Балкан.

 

 

Оцени ја веста

19.05.2015 - 15:00

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега