Ташковски: Венко Марковски се уште енигма во македонската книжевна историја
Учесниците на Осмата Македонска книжевна визита по повод 100-годишнината од раѓањето на еден од основоположниците на современата македонска литература Венко Марковски, денеска го посетија неговото вечно почивалиште на софиските градски гробишта.
Како што јави дописникот на МИА, за ликот и делото на Маркоски пригодна беседа одржи поетот Братисвал Ташковски.
Ташковски рече големиот поет Венко Марковски долго време во македонската книжевност беше оценуван и вреднуван како најконтроверзен и трагичен поет и секако во контекст на дневната политика како отпадник од македонската книжевност.
- Ова отпадништво започна да се преиспитува скромно и се уште од голема идеолошка дистанца дури во осамостојувањето на Република Македонија. Но, и тогаш, а за жал и денес ореолот ренегатски никако докрај не беше симнат од неговата ура. Тој и денес иако веќе се знае дека е првиот македонски поет кој објавил книги на македонски јазик („Народни бигори“ и „Огинот“ /1938/) е повторно оставен на почесните маргини на нашата книжевност. Неговото првенство му се признава историски, но тој практично и натаму останува како проблематично дете во предворјето на македонската книжевна историја, вели Ташковски.
Тој ќе нагласи дека Марковски не само што е основоположник на современата македонска поезија, туку бил и член на првата Комисијата за кодификација на македонскиот јазик и на првиот состав на Друштвото на писатели на Македонија.
Според него, неопходно е преповторување односно уште едно историско препрочитување на неговиот удел во нашата книжевност.
- Векот што измина беше преполн со наши контроверзии и ние како народ и култура не можеме да си дозволиме да ги отпишуваме нашите синови само затоа што некогаш направиле нешто што можеби не требало да се случи. Затоа сме тука денес да зборуваме за тоа и да ги погледнеме нашите јунаци и нивните гробови од друг аспект. На крајот на краиштата политиката е политика, а поезијата е совршенство, посочува Ташковски во неговата беседа за Марковски.
Венко Марковски е роден 1915 година во Скопје, а починал во Софија 1988 година. Се смета за дводомен поет бидејќи творел на македонски и на бугарски јазик. Автор е на многу книги поезија, драми и романи. За време на својот живот поминат во Бугарија бил носител на најголемите државни награди и е член на Бугарската академија на науките. За време на неговиот живот на бугарски јазик му се издадени избрани дела првпат во 1975 година како двотомно издание и во 1985 година во четири тома.
Со чествувањето на Маркоски исцрпена е програмата на овогодинешната Осма по ред Македонска книжевна визита во Софија.
Тридневната манифестација е организирана од Книгоиздателството „Макавеј“ во соработка со Македонскиот Културно информативен центар во Бугарија, а е помогнатата од Министерството за култура на Република Македонија.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа