Непостоечка „Македонска заедница во Брисел” повикува на утрешни протести пред црквата Света Катерина во Брисел

 
Активисти на опозициската СДСМ, деновиве преку социјалните мрежи испраќаат покани до македонски граѓани што живеат во Белгија, да го поддржaт протестот на нивната партија што утре ќе се одржи во Скопје, со „симболично собирање и „испраќање на порака со поддршка и од Брисел.
 
Како што јавува дописникот на МИА од европската престолнина, во поканата што е пристигната и до него преку социјалните мрежи, активистите на СДСМ велат дека „во одговор на актуелната политичка ситуација, граѓаните во Македонија излегле на улиците за да бараат правда и мир, па затоа, тие, во име на некаква Македонска заедница во Брисел, покануваат „на мал собир со цел да се изрази солидарност со македонските граѓани и нивните барања за подемократско и мирно општество.
 
Во обид да дознаеме дали и кој стои зад т.н. Македонска заедница во Брисел, не успеавме да најдеме дека воопшто постои таква организација или здружение во Белгија, ниту дека воопшто некогаш е формирано такво друштво во ова Кралство. Единствена организирана македонска група во Белгија е спортско-рекреативното друштво „Илинден од каде официјално не информираа дека тие не стојат зад утрешниот протест, ниту дека истиот го поддржуваат.
 
Инаку, т.н. Македонска заедница во Брисел, во поканите што ги испраќа до македонските граѓани во Белгија, наведува дека целта на утрешниот мал протест што е закажан да се одржи од 13 до 15 часот пред црквата Света Катерина е „да се напише порака за демократија и секој што ќе дојде да се слика со транспарент на кој ќе биде испишано протестирам и тоа потоа да се сподели на социјалните мрежи со хаштаг #protestiram во знак на поддршка на оние што в недела ќе протестираат во Скопје.
 
- Во Македонија, веќе со месеци има граѓански протести кои се обединети како #protestiram и #протестирам, а ова движење бара оставка и одговорност од актуелната власт, ослободување на притворените активисти и формирање на нова Влада со цел демократизација на државните институции. Затоа ве повикуваме да дојдете на Света Катерина во недела и да ја испратите вашата порака за поддршка на протестот во Македонија, се наведува во поканите што непостоечката Македонска заедница во Брисел го испраќа преку социјалните мрежи и по електронски адреси на македонските граѓани што живеат во Кралството Белгија.
 

 

Оцени ја веста

16.05.2015 - 11:01

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега