Спасов: Уште 1.400 пензионери ќе одат на бесплатно бањско лекување
Во периодот септември-октомври годинава уште 1.400 пензионери ќе можат да одат на бесплатно бањско лекување, соопшти денеска министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.
- Пензионерите се луѓето кои учествуваа во изградбата на оваа држава и ние, како помлада генерација, им должиме почит и посветеност во насока на реализирање на сите нивни барања и потреби, изјави Спасов по средбата.
Како што истакна министерот, ќе се разгледаат можностите за обезбедување центри за дневен престој на пензионерите и за претстојните летни пензионерски игри што треба да се одржат во септември.
Изразувајќи благодарност до Владата за досегашната соработка, претседателот на Сојузот на пензионерите Драги Аргировски нагласи дека само со добра комуникација ќе може да се решат актуелните прашања што ја засегаат оваа категорија граѓани.
Особено е важно, додаде Аргировски, да се изградат домови за пензионерите и центрите за дневен престој.
- Само ако бидат активни, пензионерите може да се чувствуваат како луѓе, да не бидат депресивни и меланхолични, потенцира претседателот на Сојузот, Аргировски.
ФОТО: Комуникација