„Низ Македонија до блескавиот Охрид“ - статија за убавините на земјава во чешки портал

На чешкиот регионален портал „Деник“ е објавена статија за Македонија која има наслов „Низ Македонија до блескавиот Охрид“, јави МИА.

Авторот на читателите им ги претставува убавините на нашата земја, а најмногу внимание е посветено на преубавиот Охрид кој според авторот е место каде живее духот на традицијата.

- Македонците навистина не треба да жалат дека нивната земја не завршува  во солените води на Егејското Море. Охридското Езеро е целосно соодветна замена. Со пријатен ветер што пирка на плажите можете брзо да фатите бронзена боја на кожата, а езерската вода е толку чиста што дното на езерото може да се види дури и на длабочина од четириесет метри. Совршената илузија на крајбрежниот регион е крунисана со околната вегетација и бучното шеталиште во центарот на Охридското пристаниште кое е полно со луѓе до доцна во ноќта. Не е чудо што Охрид е дестинација за посетителите од целиот свет, пишува во чешкиот весник.

- Кој ќе поминува низ Македонија, му препорачувам да застане блиску до градот Градско, каде веднаш до автопатот, археолозите откриле дел од исчезнат античкиот град Стоби, препорачува авторот додавајќи дека Македонија дефинитивно ќе ги возбуди љубителите на историја.

- Православната уметност во Македонија ја презентираат десетици манастири, меѓу кои и познатиот комплекс Свети Јован Бигорски во кањонот на реката Радика или пак еднакво убавите цркви и манастири расфрлани на двете страни на кањонот Матка, во близина на главниот град Скопје, се набројуваат уште македонски знаменитости.

Исто така авторот се осврнува и на Тетово за кое како што вели е полно со тајни: - Локалната џамија плени со фасцинантна поплава на орнаменти во боја.  Секој квадратен метар на фасадата е украсен со прекрасен декор и неверојатна комбинација на живописни нијанси на бои кои ги достигнуваат највисоките димензии во внатрешноста на објектот. Уште повпечатлива мистерија се отвора зад високиот ѕид на комплексот Арабати Баба Теќе каде лежи духовниот центар на мистериозното дервишко братство бекташи, опишува авторот.

 

најчитано сега