Пратениците и денеска со полни раце работа

Денеска во Собранието на Република Македонија седници ќе одржат комисиите за транспорт, врски и екологија, за финансирање и буџет, за земјоделство, шумарство и водостопанство, за европски прашања, за економски прашања и на Законодавно-правна комисија.

На дневен ред на Комисијата за транспорт, врски и екологија е Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за животната средина, а на Комисијата за земјоделство Предлог - законот за изменување на Законот за тутун и тутунски производи, по скратена постапка.

Пред членовите на Комисијата за економски прашања е Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за минерални суровини, по скратена постапка, во второ читање, а Законодавно-правната комисија и Комисијата за европски прашања ќе расправаат за Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за Царинска тарифа, по скратена постапка.

Комисијата за финансирање, пак, треба да расправа за предложените измени на Законот за Царинска тарифа и за предлог-законите за гаранција на Република Македонија на обврските по договорот за заем, наменет за дополнително финансирање на проектот „Ветерен парк Богданци“, кој ќе се склучи меѓу Кредитната банка за обнова – КфВ и АД ЕЛЕМ и за изменетиот договор за заем за Проектот за подобрување на постојаната регионална и локална мрежа, меѓу Меѓународната банка за обнова и развој - Светска банка и Јавното претпријатие за државни патишта, по скратена постапка, во второ читање.

Законодавно-правната комисија треба да се изјасни и за останатите предложени закони на дневниот ред на закажаните седници на комисиите за денеска.